Пораките се јасни: Брисел брзо пропаѓа и итно му е потребно силно политичко водство – кое моментално недостасува. Девет месеци по изборите, политичарите не успеваат да се договорат за формирање влада, а градот тоне во политичка парализа.
Финансискиот колапс е очигледен. Социјалните станови, инфраструктурните проекти и поддршката за невладини организации и културни иницијативи се замрзнати. Центрите за социјална работа, полицијата и локалните самоуправи се доведени во прашање. Јавниот долг веќе надминува 14 милијарди евра и ќе порасне за уште 1.6 милијарди до крајот на годината. Сметките не се поклопуваат – дефицитот секојдневно се зголемува за 4 милиони евра.
„Опстанокот на Брисел како град е доведен во прашање“, предупредува центристичкиот пратеник Кристоф Де Бекелар.
Белгискиот политички систем е сложен и распарчен – секоја од трите региони (Фландрија, Валонија и Брисел) има своја влада и надлежности, а притоа мора да се почитуваат и јазичните баланси помеѓу франкофоните и фламанците.
Иако франкофонските партии во Брисел брзо се договорија, фламанскиот блок – составен од Зелените, социјалистите Vooruit, либералите и националистичката N-VA – не доби поддршка од франкофонските социјалисти, кои одбиваат коалиција со фламанските националисти. Либералите, пак, не сакаат влада без нив. Политичките тензии и личните анимозитети го заглавија процесот.
Партијата Les Engagés предложи намалување на платите на политичарите за 30% додека не формираат влада, а дури за 40% ако тоа не се случи до јуни.
Во меѓувреме, кризата се продлабочува. Се заканува намалување на кредитниот рејтинг, што ќе ја направи задолженоста уште поскапа. Градот е во политички ќор-сокак, со растечки криминал, празни каси и препирања без решение.
„Можеби малцинска влада не е совршено решение, но е подобра од ништо“, вели Де Бекелар. Но за тоа е потребна согласност – а никој не попушта.