Целта на фондот „Тропските шуми засекогаш“ (Tropical Forests Forever) е да обезбеди финансиска поддршка за земјите со обемни прашуми, овозможувајќи реализација на проекти за заштита и обновување на шумските екосистеми.
„Фондот ќе претставува придонес кон една праведна климатска политика и ќе ја награди улогата што тропските шуми ја имаат во зачувување на планетата,“ изјави Лула на самитот на земјите во развој од групата БРИКС, кој се одржа во Рио де Жанеиро. „Со заштита и обнова на нашите територии, истовремено отвораме нови можности за локалните заедници и автохтоните народи.“
Освен еколошката иницијатива, Лула најави и нова програма на БРИКС насочена кон борба против болести поврзани со сиромаштијата преку вложувања во здравство, образование и инфраструктура.
БРИКС како глас на Глобалниот Југ
БРИКС е економска и политичка група составена од Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужноафриканската Република. Во 2024 година, на групата ѝ се приклучија Иран, Етиопија, Египет, Обединетите Арапски Емирати и Индонезија.
Групата тврди дека претставува 48,5% од светската популација, 36% од глобалната копнена површина и 24% од светската економска моќ. Целта на БРИКС е да биде форум за соработка помеѓу земјите од Глобалниот Југ и да претставува противтежа на економската и политичката доминација на групата Г7, составена од водечките западни индустриски сили.