Бранителот на Марија Васиќ: Прекршени се бројни конвенции и закони, борбата продолжува

Адвокатот Александар Петровиќ, бранител на професорката Марија Васиќ, денеска изјави дека во третманот на неговата штитеничка биле прекршени бројни закони и меѓународни конвенции, најавувајќи дека борбата за ослободување на сите притворени активисти продолжува.

„Ја поздравуваме одлуката за префрлање на Марија Васиќ, Ладо Јововиќ и Лазар Диниќ во куќен притвор, но важно е да продолжи борбата за ослободување и на останатите активисти, бидејќи не постои правна основа тие да останат во притвор,“ наведува Петровиќ во соопштение до јавноста.

Тој додаде дека за здравствената состојба на Марија Васиќ е од голема важност што повеќе нема да биде задржана во затворската болница, по денешната одлука со која и е укинат притворот и одреден куќен притвор.

„Денес добив дозвола да ја посетам и по разговорот со неа сигурен сум дека и се прекршени основните човекови права. Најспорен е нејзиниот транспорт до Специјалната затворска болница – беше пренесена во марица, легната на под. Тоа е, во најмала рака, нехуман третман. Подоцна била грубо врзана за столица, иако по три дена штрајк со глад и жед не можела ниту да седи исправено,“ изјави Петровиќ.

Според него, Васиќ мора итно да биде упатена на болничко лекување.

„Гледајќи ја денес, сметам дека не е реално да се лекува во домашни услови без постојан медицински надзор. Ѝ ја пренесов целата поддршка и добрите мисли од учениците, пријателите и соборците – тоа многу ѝ значеше. Ги молам сите што се бореа досега да продолжат да се борат и за останатите притворени,“ додаде адвокатот.

Тој исто така изјави дека сè уште нема увид во образложението на Апелациониот суд зошто само тројца активисти биле ослободени од притвор.

„Верувам дека ова има врска со фактот што за првпат одлучуваше друго судиско веќе. Се поставува прашањето дали воопшто ќе беа задржани толку долго ако некои други судии одлучуваа по нашите жалби уште од почеток,“ изјави Петровиќ, кој е и член на Претседателството и раководител на правниот тим на Движењето на слободни граѓани.

На крајот посочи дека е прекршен и законот со тоа што повеќе денови не му било дозволено да ја посети Марија Васиќ ниту да добие информации за нејзината здравствена состојба.

„Сите притворени се ментално силни луѓе и знаат дека не се терористи, ниту дека сториле нешто од она што им се става на товар. Сигурен сум дека јавниот притисок, поддршката од студентите, медиумите и организациите одиграа голема улога во денешната одлука,“ заклучи Петровиќ.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни