Јулијана Величковска е добитничка на значајната награда „Браќа Миладиновци“

Збирката „Рајсфершулс“ од Јулијана Величковска во издание на ПНВ Публикации е добитник на наградата „Браќа Миладиновци“ за најдобра поетска книга меѓу два фестивала, објавена на македонски јазик. Одлуката ја донесе жири-комисијата за доделување на наградата „Браќа Миладиновци“ за 2025 година во состав: Санде Стојчевски (претседател), Зоран Анчевски (член), Иван Џепароски (член), Лулзим Хазири (член) и Иван Антоновски (секретар).

Јулијана Величковска е добитник на наградата „Браќа Миладиновци“ за најдобра поетска книга меѓу два изданија на фестивалот Струшки вечери на поезијата, објавена на македонски јазик

Збирката „Рајсфершулс“ од Јулијана Величковска во издание на ПНВ Публикации е добитник на наградата „Браќа Миладиновци“ за најдобра поетска книга меѓу два фестивала, објавена на македонски јазик. Одлуката ја донесе жири-комисијата за доделување на наградата „Браќа Миладиновци“ за 2025 година во состав: Санде Стојчевски (претседател), Зоран Анчевски (член), Иван Џепароски (член), Лулзим Хазири (член) и Иван Антоновски (секретар).

„Големото творечко љубопитство, најверојатно, е мотивот Јулијана Величковска во својата нова книга да се обиде да се изрази преку еден посебен, обично поредок книжевен облик – песни во проза и на тој начин уште еднаш да го актуелизира прашањето за граничните области и форми меѓу жанровите. Авторката, просто, како да не ги пишува своите лирски записи, туку како да ги сложува – како да ги компонира од вообичаени изрази, од потсетување на слушнати разговорни фрази, од наслушнување на прифатливо согласје на лексичките единици, внесувајќи разиграност на еуфониските својства и можности на консонантите и самогласките, извлекувајќи ги сите творбени својства на јазичниот материјал и доаѓајќи до автентичен творечки резултат со гласот на лирскиот субјект. Впрочем, тоа се најавува уште со необичниот наслов „Рајсфершлус“, во којшто, се разбира, ги насетуваме и семантичките значења и плетки, па дури и плодоносните еуфониски хармонизирања, а очигледно, поетесата најмногу игра на убавиот предизвик на возбудлива читателска провокација – оние со љубопитен дух да можат да се вслушаат во ехото на тоа што Величковска го загатнува“, стои во образложението на жири-комисијата.

Ова се специфичности и квалитети на првиот дел од книгата, додека вториот циклус, според жирито, нанесува уште еден семантички слој, главно со дијахрониски исход, зумирајќи врз природата и врз настаните поврзани со историските хероини што нејзе ѝ прават впечаток, но раздиплувајќи го текстот и на тој начин досипувајќи знаци, податоци и симболи од нашата современа цивилизација, поистоветувајќи го лирскиот субјект со дамнешните личности и судбини.

„Оваа книга на Величковска се издвојува како многу ферментирана поетика, резултат на долготрајна творечка посветеност на ваквата „конечна“ целина. Едновремено, се издвојува и според авторската храброст – како на планот на формата во којашто „хаотичното“ добива совршен ред, така и на тематско-мотивски план, во интертекстуалните (вклучително и хипертекстуални) врски со книжевната и со културната/општочовечка историја, како и со транспонирањето на автопоетичкото во заедничко, ново, поетско и (с)мисловно достоинство на нашето постоење. Величковска се надоврзува на традицијата и врз неа гради нов стил и пристап во изразот на поетското „јас“, со тоа вложувајќи нови вредности во македонската поетска вертикала. И тоа со интерпретативна „неколкукатност“ – од митологијата, преку светската книжевна класика, сѐ до нашата современост во којашто битисуваат личното и поетско „јас“ на Величковска.

Најновата поезија на Величковска, може да се типизира како постмодерна, експериментална и длабоко феминистичка поезија којашто тежи да ги истражува идентитетот, телото, траумата и моќта на зборот. Клучна тема е телото – како објект на желба, на страв, како мајчинско тело, како сведоштво, формирано преку хумор и иронија. Песните во ова дело не се класично структурирани. Тие се фрагментарни, колажни, исполнети со метафори, дијалози, граматички термини, сказни и митови. Јазикот е свесно деконструиран – поетесата игра со неговите правила, го раскинува и повторно го составува, како што се шие/раскинува и женскиот идентитет низ текстот, или како што се отвора и затвора патентот (рајсфершлусот).

Величковска наградата им ја посвети на сите жени, чиј глас бил замолчан или стишан и на Драги Михајловси.

„Наградата за мене е поттик да продолжам да работам подобро. Особено многу ми значи што бев меѓу овие петмина за мене прекрасни и драги колеги, поети. Тоа што мене многу ме радува на овој Фестивал е што гледам дека генерациите се доближуваат и се надминуваат разликите, не се доживуваме едни со други како конкуренција, туку како заедница и пријатели“, рече Величковска.

Во најтесен избор, според жири-комисијата, влегоа Рајсфершлус“ од Јулијана Величковска (Скопје: ПНВ Публикации, 2024) и „Вообразби: лирски етиди за некој друг свет“ од Бранко Цветкоски (Скопје: Макавеј, 2025)

Јулијана Величковска е писател, уредник, преведувач и организатор на поетски фестивали. Основач е на издавачката куќа „ПНВ Публикации“ од Скопје, соосновач и директор е на „Скопскиот поетски фестивал“ и програмски директор е на „Поетска ноќ во Велестово“. Член е на Друштвото на писателите на Македонија. Авторка е на стихозбирките: „Рајсфершлус“ (2024), „Отворена книга“ (2017) и „Комарци“ (2010), на романот „Годишни времиња“ (2014) на книгата за деца „Ведра“,…

Во најтесен избор за наградата, според жири-комисијата, влегоа Рајсфершлус“ од Јулијана Величковска (Скопје: ПНВ Публикации, 2024) и „Вообразби: лирски етиди за некој друг свет“ од Бранко Цветкоски (Скопје: Макавеј, 2025)

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни