Во Битола вечерва почнува 46. издание на ИФФК „Браќа Манаки“

Фестивалот на филмска камера се отвора со проекцијата на филмот „Мајка“ на Теона Стругар Митевска, инспириран од животот на Мајка Тереза.

Во Битола вечерва ќе биде отворено 46. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“.

Свеченото отворање е закажано во 20 часот во Центарот за култура – Битола, со проекција на филмот „Мајка“ на режисерката Теона Стругар Митевска. Директор на фотографија е Виржини Сен-Мартан од Белгија, сценографијата е на Вук Митевски, а прв асистент на режија е Јане Ќортошев. Во главните улоги настапуваат светски познатите актерки Нуми Рапас и Силвија Хукс, заедно со Никола Ристановски, Лабина Митевска и други.

Идејата за филмот се развивала повеќе од една деценија, кога сестрите Теона и Лабина Митевски работеле на документарецот „Тереза и јас“. Оттогаш започнала соработката со писателот Гоце Смилевски, кој го потпишува сценариото за „Мајка“ заедно со Теона Митевска и *Елма Татарагиќ.

Филмот е инспириран од животот на Мајка Тереза, особено од нејзината внатрешна борба да ја оствари својата визија и хумана мисија.

„Мајка“ е копродукција меѓу Македонија, Белгија, Шведска, Данска и Босна и Херцеговина. Поддржан е од Агенцијата за филм на Македонија, Креативна Европа – МЕДИА, Данскиот филмски институт, Belgium Tax Shelter, Белгиската национална и регионална филмска поддршка, Белгиската национална телевизија, Шведскиот филмски фонд, шведски регионални фондови и Филмскиот фонд од Сараево.

Во Битола веќе пристигнаа првите гости, црвениот килим е поставен пред Центарот за култура, а градот го добива сјајот на фестивалот во чест на браќата Манаки.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни