Браќата Галагер со обединувањето на Оасис ќе заработат повеќе отколку во 90тите

Браќата Лиам и Ноел Галагер ги надминаа разликите и го обединуваат бендот Оасис на турнеја низ Велика Британија и Ирска, од која се очекува да заработат многу пари.
Фото: Anirudh Koul/Flickr

И покрај тоа браќата Галагер, од нивното разидување во 2009 година имаат успешни соло кариери, ниту еден успех не може да се споредува со тоа што може да го заработат на оваа турнеја, пишува Гардијан.

Универзитетот Бирмингем Сити проценува дека најавените 14 настапи, може да им донесат 400 милиони фунти од продажба на карти и други додатоци, а Лиам и Ноел би поделиле по околу 50 милиони фунти.

Доктор Мет Грајмс, директор на курсот за музички бизнис на овој универзитет, вели дека браќата може двојно да ја зголемат својата вредност за само неколку недели.

„Размислуваат и за одење на турнеја во Европа, па може да заработат и повеќе“ вели тој.

Иако цените на билетите се уште не се објавени, веројатно ќе бидат десетпати поголеми во однос на 1995 година, кога картите чинеа по 14 фунти, на нивната турнеја низ Велика Британија.

И покрај разидувањето, Оасис како ентитет никогаш не исчезна. Приватните животи на браќата Галагер ги задржаа во медиумите, а нивната музика продолжи да биде популарна на сервисите за стриминг.

Документарниот филм Суперсоник од 2016 година повторно го разбуди интересот и помеѓу постарите фанови на бендот, како и кај новата, млада публика.

Економскиот новинар Еамон Форде вели дека Оасис имаат единствено место во британската кулутра.

„Тие секогаш беа присутни во културата. Може да ги споредите со АББА или Битлси. Секогаш се случува нешто што им носи нови слушатели“ вели Форде.

„Тие никогаш не ја наплатија оваа носталгија. Сега веројатно ќе заработат повеќе од овие настапи отколку во целите 90ти“ вели тој.

Најново

Последни колумни