Бојкот на продавниците во Словенија: „Потрошувачите имаат моќ да одлучат каде и на што ќе ги потрошат своите пари“

Иако цените растат, Министерството за земјоделство, шумарство и прехрана не ја поддржува идејата за бојкот на словенечките трговци бидејќи сметаат дека тоа е екстремна мерка

Во Словенија во тек е бојкотот на купување во одредени трговски центри и супермаркети. Бојкотот ќе трае до 2 февруари, по што граѓаните се повикани да го продолжат и прошират и на други трговски ланци од 3 до 9 февруари.

Повеќедневниот бојкот на купување во Словенија се случи по успешниот бојкот на хрватските граѓани минатиот петок, кога само за еден ден бојкот, бројот на издадени сметки бил намален за дури 53 проценти.

„Бојкотите се легитимен и гласен израз на незадоволство. Тој може да испрати силна порака до трговците за важноста на достапноста и фер цените“, велат од Сојузот на потрошувачи на Словенија (ZPS).

Тие истакнуваат дека потрошувачите треба да го кажат своето незадоволство на соодветен начин.

„На крајот, тие имаат моќ да одлучат на кого и на што ќе ги потрошат својот пари“, велат од Сојузот на потрошувачи на Словенија.

Според податоците на Заводот за статистика на Словенија (SURS), за храна сега треба да се плати просечно 44 проценти повеќе отколку пред десет години.

„Цените на храната во 2024 година во Словенија пораснале за два проценти во однос на 2023 година“, рече претседателката на Стопанската комора на Словенија (TZS) Марија Лах.

Таа нагласи дека растот на цените на храната кај словенечките трговци е помал од просекот на Европската унија.

Иако цените растат, Министерството за земјоделство, шумарство и прехрана не ја поддржува идејата за бојкот на словенечките трговци бидејќи сметаат дека тоа е екстремна мерка и дека потрошувачите во такви ситуации можат да се чувствуваат принудени да ја применат.

„Мислам дека во Словенија сè уште не сме во ваква ситуација“, коментираше Ана Ле Марешал Колар, главен директор на Управата за храна и рибарство при Министерството за земјоделство.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни