Бостание – среде бетонска џунгла – градинарско востание

Првите никулци веќе ја пробиваат ровката почва во првата општествена градина во Скопје, именувана Бостание. Дел од паркот во Ново Лисиче веќе почнува да зазеленува, а педесетина градинари со нивните семејства и пријатели ги довршуваат пролетните сеидби на градинарски култури. На три илјади метри квадратни царува лепеза и од десетина видови на овошни дрвца.

„Зошто да има само тревници кога тие може да се култивираат и на нив да се одгледува храна“, вели Димитар Самарџиев координатор во градината која е создадена во 2019 по иницијатива на „Зелената арка“.

„Пред сè целта на здруженото градинарство и на општествената градина Бостание е луѓето заедно да градинарат, разменуваат искуства и знаења во поглед на градинарството. Конечно време е да имаат пристап до мало парче земја затоа што во градските средини скоро сите луѓе живеат во згради, а со тоа немаат можност за градинарење. Ова е само еден почеток кој треба да служи како пример за да се развиваат што повеќе урбани градини и во главниот, но и во останатите градови во земјава“, вели Самарџиев.

Додека шетате низ урбаната градина која е поделена на седум сектори во четири парцели вниманието ви го краде секоја од леите која се протега на површина од околу четиринаесет метри квадратни. Од лево ве поздравуваат една баба и еден дедо кои со сета љубов ги садат чешнињата лук. Од другата страна пак срамежливо ви се насмевнува мало девојче кое со татка си ја полева својата леа.

„Уште пред да почнеме со градината направивме анкета во која се покажа дека граѓаните сакаат вакво нешто. Слободно можам да констатирам дека интересот е три пати поголем од тоа што е капацитетот на градината. Сите граѓани можат да аплицираат преку пополнување на формулар и штом се ослободи простор да се вклучат во активностите“, додава Самарџиев.

Овде владеат правилата на природата и се градинари како што тоа некогаш се правело во полињата на селските атари. Нема пестициди, хербициди и инсектициди, односно се она што го обликува модерното и комерцијално производство на зеленчук и овошје. Иако реколтата која ќе ја произведе секој градинар е мала таа е повеќе од здрава. Растенијата се заштитуваат со механички механизми на отстранување на штетниците, а родот се зголемува со потхранување од органски ѓубрива.

За љубителите на природата во склоп на градината е организиран и простор за рекреација и социјализација на сите активни чинители во Бостание. Самарџиев вели, овде има сè од земјоделски алатки, важна е само желбата да се градинари.

Пред безмалку половина деценија граѓанската иницијатива „Зелената арка“ почна да ја пишува приказната за општествената градинарство, а на иницијативата се придружи Град Скопје со финансиска поддршка.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни