Борјан Гаговски е млад активист, уметник, новинар и истражувач од Скопје кој е препознатлив пред сè преку музиката и неговите заложби за независната културна сцена во Македонија. За него, активистичкото делување и уметноста се многу блиски едни до други, а солидарноста и грижата на алтернативната музичка сцена се надеж дека сепак, со многу труд, можеме да влијаеме на реалноста. Нашиот разговор со Борјан започна од потребата да истражиме како новите генерации го доживуваат градот и живеењето во државата, но и напорите да се градат простори и светови како пркос на општествените состојби кои ги сведочиме.
ТРН: Борјан, дали според тебе борбата за подобар живот овде е сизифовска?
Би лажел ако речам дека повеќето од времето не се чини дека е така. Проблемите и корупцијата во државата се длабоко вкоренети. А кога има и обиди за да се поттикне некаква промена, повеќето луѓе реагираат со скепса и сомнеж – „остави ги тие што протестираат, слушнав дека биле политички вмешани“. Оваа павлова апатична реакција е сериозна пречка во зголемувањето на капацитетите и масовноста на борбите кои се водат во државата – што се одлични вести токму за тие што добиваат од статус квото. За жал, Македонија е сè уште во рани фази на вежбање на своите активистички мускули. Но, баш затоа желбата и борбата за подобар живот овде за мене се некаква форма на верба – во голема мера се нерационални. Но, тој подобар свет сигурно нема да се роди без таа верба, затоа сепак сметам дека е апсолутно рационално и добро за општеството да се има.

TРН: Од бендот „Корпорација вагина“, до иницијативата ,,Сите за МКЦ”, но и твојот ангажман преку ставови и текстови – веруваш ли дека овде можеме воопшто да зборуваме за развој и некаков пркос на независната сцена?
Дефинитивно гледам високо ниво на солидарност на независната музичка сцена. Постојано гледаме да си го споделуваме знаењето, да не затвораме врати за други бендови и да се поттикнуваме да правиме автентична музика што можеме. Таа солидарност и топлина што ја чувствувам во нашата заедница е и за многу од нас главната причина да останеме во Македонија. Имено, фасцинантно ми е дека речиси ниеден бенд од нашиот музички колектив „Гола планина“ се нема распаднато поради тоа што некој се отселил во странство. Тоа за мене е можеби нашиот најголем успех и одраз на една од нашите главни цели – да задржиме повеќе млади, паметни и добри луѓе тука со тоа што си го правиме животот овде поубав. Но, колку и да сум горд на успесите на нашата сцена, не е доволно само да постои добра и пркосна уметност или текстови (како овој) за да се направат сериозни промени во општеството. Ги заболе политичарите и големите бизнисмени во дека имало многу добар постпанк во државата. Постојано сум во потрага како енергијата на нашата сцена најдобро да се преточи во конкретни промени во нашето општество. Најверојатно е потребна само малку повеќе храброст од сите кои сме вклучени во неа.
TРН: Што за тебе претставува ,,излегувањето надвор од меурот” кога зборуваме за активизмот и реалните проблеми кои треба да се допрат со личните заложби за подобра заедница?
Излегувањето од меурот и поврзувањето со поголем број на луѓе секогаш е меѓу поголемите предизвици на едно движење. Но истовремено, историски гледано, солидизирањето со други групи е еден од најважните алатки во борбите на секакви различни движења. Американската борба против дискриминацијата врз основа на раса во шеесеттите е директно поврзан со поддршката од синдикатите, кои почнувале да воведуваат антидискриминаторски политки. На почетокот се соочувале со скепса и несигурност од страна на белците работници, но брзо сфатиле дека и белците и црнците работници ќе видат придобивки доколку имаат поголема бројка на луѓе и се борат за своите цели на повеќе фронтови. Дополнително, сфатиле дека борбата и непријателот им е ист – тој што пробува да стекне пари од нивниот труд, а не друг работник со поинаква боја на кожа. Ист бил случајот со взаемната поддршка на рударите и геј активистите во Велика Британија во осумдесеттите. Затоа ми беше многу мило што на овогодишниот „Прајд“ се скандираа слогани како „Слобода за Палестина“, „Правда за Кочани“, „Народот обединет нема да е победен“. Јасно се покажа дека сите ќе добиеме ако се соединиме во нашите борби, кои и не се толку различни колку што повеќето од нас мислиме. Оттаму, многу е важно активисти да се сретнуваат со секакви различни групи на луѓе, дури и да има некакви недоразбирања и несогласувања од прва. Тие се неизбежни, особено во општество кое е толку атомизирано, и во „реалниот“ свет а и дигитално. Но, повторно, таа огромна поделеност што постои само им служи на тие кои се плашат од големи бројки и голем револт, што не смееме да го заборавиме кога во борбата за подобро утре стигаме до некаков конфликт.
TРН: Скопје и државава се во целосна криза помеѓу затворените и небезбедни клубови, но и неискористени јавни простори. Како гледаш на прашањето за скоро непостоечкиот ноќен живот овде во моментов?
Непостоечкиот ноќен живот според мене има слична функција како потиснувањето на јавните простори – колку помалку се гледаме очи во очи со нашите сограѓани толку помалку доверба ќе имаме во нив и толку помалку ќе мислиме дека нашите разлики не се пребродливи. Ни преостануваат сè помалку начини да најдеме други загреани луѓе со кои што би можеле да дискутираме што навистина може да се направи за промена во државава. Токму затоа и сум толку длабоко врзан за нашата алтернативната сцена – ми нуди заедница во град каде што сите сме сè повеќе отуѓени еден од друг. Но повторно, важно е тие дискусии да не останат само на масите во „Буква“ или „Ла кања“.

ТРН: Зошто токму „Koрпорација вагина“? Кажи ми нешто за името и за успешната приказна што ја создавате со бендот регионално?
За името обвинете го Лука, нашиот пејач. Во лоши денови ми е жал за баба ми и дедо ми што внучето им свири во бенд со такво име, ама во добри денови се потсетувам дека е добро уметноста да провоцира и да ти направи малку неудобно. Може различни интерпретации да се има на истото, некој спој меѓу нешто органско и нешто студено; но, не би навлегувал повеќе бидејќи мислам дека е позабавно секој слушател да си има своја интерпретација. Името мислам ни има дадено дозвола сите да прифатиме одредена дивост во музиката и визуелното претставување во бендот, што мислам дека мене (а и на публиката најверојатно) ми е најзабавен дел од бидување во бендот – токму таа дивост мислам дека е ослободувачка на телесно ниво, што е важно во едно општество кое често сака да нè стави во некакви стеги. Во однос на успесите со бендот – снимивме концертен филм и и организиравме три турнеи и многу настапи низ регионот. Но, секако, немаше да имаме ништо од тој успех без помош од многу пријатели – за спотови, снимање музика, организирање турнеи и сè помеѓу. Се надеваме дека со нашата работа и пренесувањето на нашите искуства и знаења дека ќе можеме да го направиме малку појасен и помалку страшен патот за новите генерации на македонски бендови како „Калико“, „Големата вода“, „Корка“, „Пондскул“ и многу други.
TРН: Твојот дебитантски филм беше претставен на „МакеДокс“ оваа година и доби многу убави реакции. Какво беше целото искуство околу снимањето?
„Борби со ветерници“ претстави една година во животот на уметничкиот колектив „Ветерница“, кој работи со деца и лица со атипичен развој на секакви претстави, уметнички инсталации и музички и танцови настапи. Ги снимав нивните проби и претстави, фокусирајќи се на нивниот освежувачки педагошки пристап како и нивната борба за опстанок. Нивните соседи постојано им прават притисоци и им викаат полиција – наводно бидејќи се гласни, но најверојатно бидејќи не им е пријатно да гледаат среќни интегрирани деца. Ги запознав преку тоа што со „Корпорација вагина“ кај нив печатевме маици кај нивната другата дејност „Партизанска штампа“. Билјана и целата екипа апсолутно ми се најинспиративните луѓе во државава – нивната посветеност и верба во тоа што го прават апсолутно ме инспирираше дс го издржам долгиот процес на правењето на филмот. Чест ми е да му ги покажам на светот, да покажам дека има луѓе во Македонија кои активно се трудат да создадат поубави околини со поинакви и почовечни вредности и покрај сиот притисок. Филмот доби преубави реакции на „МакеДокс“, многу ми е мило што луѓе емотивно се поврзаа со приказната и засекогаш ќе бидам благодарен на Биле и Мишо што имаа доверба во мене да бидам со нив низ секакви моменти минатава година, и убави и тешки. И уште едно огромно огромно благодарам до моите ментори Трифун Ситниковски и Горјан Атанасов, без кои немаше теоретски шанси да го завршам филмот. Постојано ме поддржуваа во процесот на пронаоѓање на својот глас.
ТРН: Можеме ли да се разбудиме како млади од зимскиот сон и да истапиме во први редови против изумирањето на културата, системот кој нè убива, негрижата која нè уништува?
Треба да се преземат одредени подрастични чекори за да им се даде на луѓе надеж и слика дека може да биде подобро. Тука апсолутно може да се искористи уметноста и културата. На пример, демонстрациите на српските студентите кои вклучуваа одење од еден до друг град пешки за мене се еден вид театар. Се создава одредена слика која остава силен емотивен впечаток, а зар не е тоа одликата и на најсилната уметност? Потребна е храброст, креативност и малку повеќе проучување на историјата за да смислиме кои би биле соодветни слични такви чекори во нашиот локален контекст. Мора да се пробува затоа што битката е долга – можеби нема ни нашата генерација да ја доживее најголемата победа, но не смееме да ги посрамиме идните генерации со нашата пасивност. Затоа, ајде, да се собираме во малкуте јавни простори што ни останаа, да зборуваме, да се соочиме со нашите разлики и недоразбирања, да се здружиме и да делуваме.