Во петок, на 14 ноември 2025 од 19 часот, во Ликовната галерија при НУЦК „Марко Цепенков“ – Прилеп ќе се отвори Ретроспективната изложба на реномираниот уметник Боро Арсовски – Бабата. Изложбата го одбележува неговиот исклучителен јубилеј – 55 години ликовно творештво, период во кој Арсовски се пласира како еден од најзначајните имиња на македонската наивна уметност.
Настанот е културен настан од значење за прилепската и националната ликовна сцена, но и пошироко, бидејќи Арсовски со децении е присутен на регионални и меѓународни колонии, изложби и галериски програми.
Боро Арсовски – Бабата е роден во 1952 година во селото Страцин. Сликарството го започнува во 1969 година, како млад наивец кој паралелно создава и скулптури во камен и теракота. Неговата прва изложба е во 1971 година со ДЛУК, по што станува активен член и учесник на бројни годишни изложби низ тогашна Југославија. Членувал во УСУ „Југославија“ во Белград и во групата „Трета димензија“.
Неговото меѓународно присуство вклучува учество на повеќе од 30 ликовни колонии во Хрватска, Словенија, Србија и Босна и Херцеговина, како и учество на над 200 групни изложби и пет самостојни поставки. Делата на Арсовски се појавувале на аукции во Белград и Скопје, каде што биле меѓу најбарани и најскапо продавани. Неговите слики денес се дел од музејски и приватни колекции ширум светот.
За неговото творештво се снимени два документарни филма – еден од МРТ и еден за меѓународниот фестивал „Златни сунцокрет“ во Србија, награден со златна плакета.
Историчарот на уметност Роберт Цветковски го нагласува значењето на Арсовски во развојот на македонската наива, посочувајќи дека неговиот придонес е „неизоставен“ во историската линија на движењето кое ги зафати овие простори во доцните шеесетти и раните седумдесетти години.
Ретроспективната изложба ќе ја претстави визуелно-продукциската траекторија на уметникот од 1970 година до денес – пет и пол децении на непрекинат творечки континуитет. Посетителите ќе можат да ги видат двата препознатливи пристапи во неговата композиција: панорамски сцени исполнети со фигуративни елементи во динамична наивна структура, како и центрирани портрети со архетипски фигури (овчар, домаќинка, кавалџија) опкружени со елементи што ја водат визуелната нарација
Арсовски е познат по својот прецизен цртеж, колористички баланс, македонска орнаментика, архитектонски мотиви, како и по моќта да прикаже рурален амбиент осветлен со топлина и лирска светлина. Во повеќе дела се забележува и навлегување во надреалното – визуелни премини меѓу реалност и сон, кои ја збогатуваат композицијата.
Цветковски посебно ја истакнува сликата „Бегство“ (2025) како пример за современ авторски пробив во доцна фаза на творештво – дело во кое Арсовски, и покрај зрелата возраст, успева да креира силна и модерна ликовна визура што носи суптилна порака: „време е за бегство од бетонската џунгла“.
Преку своите стотици слики, акварели и скулптури, Боро Арсовски станува не само автор туку и хроничар на едно изминато време – време на симбиоза меѓу човекот и природата, време во кое секојдневието се градеше од тишини, ритуали и мотиви што денес исчезнуваат.
Токму затоа неговата ретроспектива не е само изложба, туку документ на македонската културна меморија, сведоштво за еден идентитетен простор препознатлив и ценет, особено во доменот на наивната уметност.
Изложбата е во чест на големиот јубилеј и претставува благодарност за огромниот придонес на Арсовски во промовирањето на македонското ликовно творештво ширум регионот и светот.
