Во најновата видео-анкета на „Внимание“, ги прашавме граѓаните дали знаат што се одбележува на 23 октомври – Денот на македонската револуционерна борба. Резултатите, очекувано, беа шарени: некои знаеја дека станува збор за ВМРО, други дека е нешто поврзано со револуционерите, а дел едноставно одговорија дека тој ден „не се оди на работа“.
„Знам само дека не сум на работа…“, рече еден испитаник. Друг додаде: „Не памтам, не“. Имаше и такви кои сигурно одговорија: „Ден на ВМРО, тогаш се оформила партијата“. Некој пак помисли дека се слави „Свети Климент Охридски“.
Во следното прашање побаравме мислење за тоа која личност од сегашноста заслужува да добие восочна фигура во Музејот на македонската борба. Најмногу спомнувани беа Борис Трајковски и Грета Тунберг, а некои предложија и домашни музичари: „Панчо, Андреј, ДНК“. Други пак рекоа: „Сите политичари треба да добијат восочна фигура – за пример како не треба.“
На прашањето кој ден би го прогласиле за празник или неработен ден, одговорите беа уште покреативни: „Првиот сончев ден“, „Најсончевиот ден во ноември“, „31 декември, никој не треба да работи на Нова година“, „Понеделник“, па дури и „Мојот роденден“.
А кога станува збор за менувањето на времето од летно во зимско, повеќето беа едногласни: „Дефинитивно не, затоа што губиме сончеви саати“, „Нека си остане така, 24/7, 365, пак работиме“.
Новата видео-анкета „Внимание“ уште еднаш потсетува дека хуморот и искреноста на улиците најдобро го покажуваат како луѓето ја доживуваат историјата, празниците и секојдневието.