Search

Борис Бакал: Скопје е збир на различни истории, моќна инспирација и редок пример на човечката солидарност

Во рамките на фестивалот АКТО, на Архитектонскиот факултет, беше премиерно проектиран документарниот филм на мултимедијалниот уметник Борис Бакал, „Витиќ танцува“, како приказ на целта или залудноста на индивидуалецот во борбата за јавно добро. Филмот ја истакнува 20 годишната борба на станарите за обновување на Витиќевиот облакодер во Загреб, инаку ремек-дело на модернистичката архитектура, која на тој начин станала метафора на целото општество.

Борис Бакал е театарски/филмски режисер, актер, интермедијален уметник, куратор и писател. Во текот на 40 години од неговата кариера, тој е автор на повеќе проекти, перформанси, предавања, инсталации и мултимедијални креации кои се претставени на фестивали, изложби и настани ширум светот. Тој е научник, истражувач и предавач на: NYU, Универзитетот Стони Брук, Универзитетот Колумбија и многу други. Тој е ко-основач на повеќе уметнички и активистички платформи и здруженија, на пр. Фрлачи на сенки, Летечки универзитет, Оркестар Столпник, Хрватска антивоена кампања и Театар на очигледни феномени.

Причина за неговата посета на Скопје беше прикажувањето на неговиот најнов документарен филм „Витиќ танцува“ и поставување на изложба која ќе се случува следниот викенд во Железничката зграда во склоп на фестивалот Акто.

Трн: Вашиот филм „Витиќ танцува“ е опишан како метафора за општеството. Можете ли да објасните како реновирањето на станбената зграда служи како метафора и што се надевате дека гледачите ќе разберат од оваа симболика?

Борис: Таа приказна почна пред речиси 20 години. Тогаш работев некој друг проект и иако сум роден во Загреб јас претходно не ја знаев таа зграда, бидејќи се наоѓа на периферијата на градот и оттаму не сум поминувал. Од почетокот ми се допадна таа игривост на нејзината фасада која го одразува животот на таа зграда. Концептот на светлината одразува дали некој е буден или дали спие, дали е на работа или не е. И како што обично бива за први љубови кога ќе се вљубите во некого, не ги гледате маните, така и јас не ги видов маните. Но, откако се вселив ги увидов сите мани и недостатоци и ми стана јасно дека таа зграда е метафора на хрватското општество, па дури и на европското општество, денес ми се чини дека е метафора на светот, начин на кој луѓето не можат да се договорат околу ништо, како не можат да се согласат, како секој гледа некоја мала ситна корист на штета на другиот. Нешто што беше доста интересно е кога ќе влезете во некој стан тој е чист, ама кога ќе излезете во ходникот, тој е валкан бидејќи тој не припаѓа никому. А тоа не е вистина, како што улицата ми припаѓа мене како граѓанин и тоа е дел од мене, паркот е исто дел од мене, ама тоа на луѓето со распадот на Југославија таа идеја за заедничко нешто сосема се изгубила, ако и постоела донекаде или била наметната, ама тоа нема врска со социјализмот или капитализмот. Домот е мојата пештера за друго не ми е гајле што всушност покажува дека не се граѓани на некоја држава, не се хрвати, македонци, срби…

Идејата беше да се пронајде некоја заедничка цел, таа цел да е доволно утописка околу кој што би можеле сите да се согласиме. Беше јасно на самиот почеток дека ако зградата се поправи на сите ќе им биде подобро, тоа не беше спорно. Јас бев во улога на медијатор помеѓу спротиставените страни, не ми беше тешко да ги смирувам духовите, да барам компромис, дијалог и да бараме заеднички точки околу кои можеме сите да се договориме.

Трн: Скопје игра значајна улога во филмот. Можете ли да споделите како архитектурата и околината на градот влијаеле на вашето раскажување и визуелен избор во „Витиќ танцува“?

Борис: Јас Скопје и Битола многу добро ги познавам, ја познавам нивната историја, сите слоеви од неолитот досега. Скопје е збир на различни истории, а од друга страна за мене секогаш е инспирација бидејќи е редок пример на човечката солидарност. Нема таков пример во светот, се помагало и на други места ама не како во Скопје. Тоа беше економска позиција на Југославија. Парадигмата за јужна Србија исто така ми е многу позната. Јас мислам дека сега ако има некој земјотрес, пак би останало се што е изградено одамна а она од Груевски би паднало. Тоа пак ви покажува колку глупоста е краткотрајна. Сите скулптури и кнауф би паднале доле, се тоа е направено со краток ум. Скопје е спој на словенските, отоманските, грчко римски стилови и е многу интересно.

Трн: Скопје и солидарноста на Скопје ве инспирираа да поставите и изложба. Кажете нешто повеќе за тоа?

Борис: Таа изложба е направена во Загреб, за време на Ковидот имаше два големи земјотреси и неколку мали. Негде околу 10 000 објекти во Хрватска се оштетени и одговорот на државата беше многу лош, воглавном се поправаа музеи и цркви а приватните домови беа оставени на луѓето сами да си ги поправаат. Јас поттикнат од тие лоши одлуки на Владата, се одлучив да направам почест на Скопје кој е спротивен пример бидејќи сите Словенци, Хрвати, Срби, Босанци, Црногорци се соединиле и направиле. Тоа сакав да го поставам и да го покажам. Минатата година донесов предавачи од цел свет каде што имало големи катастрофи да не научат како изгледа добар одговор на природна појава која ја загрозува целата заедница. Тоа беше круна, тоа не е само изложба, тоа е и звучна инсталација, и филм.

Трн: Вашиот документарец ја доловува суштината на просторите помеѓу Облакодерот Витиќ во Загреб и Железничката зграда во Скопје. Што е заедничко за нив?

Борис: Филип и јас ја одбравме Железничката зграда, мислам дека беше 2012 или 2013 година, баравме примери во Скопје налик на Облакодерот Витиќ. Претходно работевме во Битола, на Офицерскиот Дом, каде се обидувавме да ја започнеме неговата обнова и да ја промениме неговата функција, користевме различни методи, користење на нематеријално наследство, додавање и слично. Така ја измисливме врската меѓу Вагнер и Битола. Работата е што секој таков проблем е неодвоив од правниот систем за заштита во одредена држава. Јас мислам дека Железничката зграда е многу потежок случај, затоа што Македонија се уште не одлучила што сака да задржи од позитивните текови на социјализмот, на пример т.н. социјален фонд или фондот на солидарноста и што сака да заштити.  На јазикот на архитектурата постои правило дека по определен број години, да речеме по 30 или 40 години определен објект или парк треба да се заштити, тоа во Македонија не е се уште договорено. Зградата постои од 1946 и има една интересен централен – заеднички двор и има заедничка кино-сала што не е случај со останатите згради. Имале ама им биле одземени. Заеднички тераси и слично. Но, најголем проблем е во законодавството, така беше и со Витиќ. Мојот најголем противник беше градоначалникот. Тој ја стопира едно 6 пати обновата. Не е ставен во филмот затоа што во меѓувреме почина и со мртов човек не можеш да се караш. Ама, тој беше поврзан со мафијата, со криминалот, директно беше корумпиран, земаше рекет и таму каде што немаше никаква корист не попушташе. Во еден момент се створи една доволна маса на позитивно мислење околу сето тоа, зградата од анонимност стана доста видлива позната, светски архитекти ја посетуваа, се дигна интерес за неа и не можеше да се сокрие. Ние постојано бевме на тв, секој момент го користевме за да направиме промоција на неа. Зградата стана најпозната зграда во Хрватска, стана симбол на Хрватска во мало. Кога се искомплицира целата ситуација направивме еден собир кој се емитуваше на ТВ и потоа градоначалникот рече „добро дајте му на тој Бакал да ја реновираат зградата“.

Трн: Дали се чувствуваш како Дон Кихот, или како некој што со глава се обидува да сруши ѕид? … Дали уживаш во тој процес?

Борис: Вие ако сакате нешто да менувате мора да помине време, не може набрзина. Мора да живеете со тоа, да бидете дел од тој проблем и така на некој начин можеби да се реши. Со Железничката зграда тоа трае веќе 10 години, а ете можеби и сега нешто допрва ќе почне да се придвижува во позитивн насока.

Заблуда е дека социјалниот живот е измислица на социјализмот. Да речеме во Њујорк не можеш да купиш стан ако куќниот совет не одобри. Куќниот совет ви дозволува да го купите станот, а не сопственикот на станот, тој е секундарен. Куќниот совет ве прашува од каде пари, дали сте ги украле, како сте ги заработиле и како ќе допринесете за оваа заедница. Од 19. век имало работнички населби со сите услови, бидејќи работодавецот знаел дека работникот кој е задоволен ќе работи подобро. Тука нема никаков спор.

Може да се промени нешто. Секогаш постои начин. Мора да постои некаков договор. Денес без соживот нема ништо. Јас можам само да ве крадам, ама јас ја крадам иднината на своите деца, вие ќе бидете незадоволни и тоа ќе се репертуира на моите деца. Во тоа е и грешката на капитализмот, криптофашизмот, бидејќи манипулира со капиталот и со вашата националност и со вашата религија, а нема врска, не го интересираат ништо друго освен вашите пари.

Капитализам е кога јас ќе ви удрам шлаканица и ќе ви го одземам мобилниот. Ако сакате да живеете сами одете на планина, одите живејте во пештера. Се е работа на размена.

Трн: Фестивалот АКТО е познат по својата прослава на креативноста и уметничкото изразување. Како вашето искуство со фестивалот влијаеше на вашата работа како филмаџија, особено во контекст на „Витиќ танцува“?

Борис:  Скоро десет години соработувам со Филип и Акто, почнавме со урбано истражување на Битола, јас сум и театарски режисер, сум гостувал и претходно кога имав во Италија театарска компанија. 1998 ја донесов својата италијанска претстава на МОТ. Од друга страна постои една анегдота, уште во 79 година снимав филм во Скопје со Петар Устинов, така што сме се возеле низ различни локации тука а филмот беше англиска американска копродукција така што ја знам Македонија ја знам од различни фази и периоди. Акто за мене беше специфична средба, тука доаѓаа луѓе од различни сфери на науката и уметноста, се занимаваа со различни проблеми на Градот, идентитетот итн. Таа улога на Акто е месијанска улога и има голема важност за Македонија.

Трн: Наративот на филмот ги комбинира архитектурата, заедницата и уметноста. Можете ли да опишете како овие елементи се вкрстуваат и придонесуваат за пораката и целокупното влијание на филмот?

Борис: Да се работи филм во тек на 20 години и користи архивски материјали скоро 60 години наназад е многу тешко затоа што има многу аспекти кои се испреплетуваат. Јас се одлучив да ја следам само обновата, културната програма ја оставив на маргини, највеќе се занимавав со човечки односи во филмот, како тие луѓе заедно работат и како заедно живеат и колку им е тешко да се договораат. Тоа е пораката дека сложеноста на општеството е реципрочна вредност на времето кое го вложуваме за таа сложеност некако да ја совладаме и секогаш е потребно некој да ризикува дел од својот живот. Бидејќи ако не бев јас и мојата посветеност од 20 години. Или ќе се занимавате со себе и ќе си речете јас за себе си гледам или ќе тргнете во нешто друго

Главната порака е да направите одредена жртва, да се посветите, да дојдеш и да допреш не значи ништо. Пред 20 години јас ја фотографирав и снимав зградата, и излезе една девојка бидејќи го препозна фотографот и не повика на забава, ние дојдовме на забавата утрешниот ден и изнајмив стан таму, мислев дека ќе останам само 6 месеци, ама останав 5 години и си заминав бидејќи сопственикот на станот се врати да живее во станот. Па изнајмив стан преку улица и таму живеев за да останам во квартот и да успеам во целта.

Најново

Последни колумни