„Ако ова е единствениот одговор што Европската комисија е способна да го прифати пред она што го прави Израел, тоа е шега. Лоша шега. А земјите-членки на ЕУ дури и не можеа да го одобрат“, рече Борел во интервју за порталот ЕУОбзервер со седиште во Брисел.
Европската комисија оваа недела предложи делумно суспендирање на учеството на Израел во програмата на ЕУ за истражување и иновации Хоризонт Европа (Horizon Europe) како одговор на хуманитарната криза во Газа, но предлогот не доби поддршка од доволен број земји-членки.
Суспензијата се однесува на пристапот на малите бизниси со седиште во Израел до Европскиот совет за иновации (ЕИЦ), кој е дел од програмата Хоризонт вредна 10,1 милијарди евра.
– Дали тоа е навистина сè што можат да смислат, со оглед на тоа што се случува?, праша Борел, кој беше висок претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност во претходниот мандат на Европската комисија.
Според него, овие санкции не влијаат на основните интереси на Израел.
„Постојат многу позначајни работи што би можеле да се направат“, рече Борел, тврдејќи дека Комисијата треба да предложи суспендирање на трговскиот договор, кој би можел да го чини Израел 1 милијарда евра годишно ако ги изгуби трговските привилегии со ЕУ.
Борел рече дека знае оти не сите Израелци се одговорни, но дека тие дозволуваат да се случуваат овие работи и дека израелското општество „треба да плати значителна цена за она што го прават доселениците на Западниот Брег“.
„Некој треба да биде одговорен за тоа. За многу помалку од ова, ги откажавме визите за граѓаните на други земји. Санкциониравме илјадници луѓе во Русија за помалку“, рече Борел.
Тој додаде дека многу членки на ЕУ едноставно не сакаат да воведуваат санкции кон Израел и „тоа е реалноста“.
Кога Израел и Палестинската ослободителна организација ги потпишаа договорите од Осло во 1993 година, на Западниот Брег имало приближно 110.000 доселеници, а денес тој број надминал 700.000.
Борел рече дека тоа е нелегално според меѓународното право, опишувајќи го како „крвава и насилна окупација“ што довело до смрт и раселување на илјадници Палестинци.
ЕУ долго време го критикуваше проширувањето на израелските населби, но ретко воведуваше рестриктивни мерки како резултат на тоа. Минатата година, прво воведе санкции кон неколку радикални израелски доселеници на Западниот Брег, одговорни за насилство врз Палестинците.
За време на неговиот мандат, Борел предложи ЕУ целосно да ги прекине политичките врски со Израел, но, како што рече, членовите веднаш категорично одбија.
Борел, исто така, оцени дека договорот меѓу ЕУ и Израел минатиот месец за олеснување на испораката на поголема хуманитарна помош во Појасот Газа бил „циничен“ и „изговор“ за невоведување санкции.
„Искрено, ако суспендирањето на Израел од програмата Хоризонт е сè што можат да смислат, тоа е сарказам“, оцени Борел, пренесе Бета.