Правата на жените не се само бројки, статистики и формални закони. И во 21 век, тие се реалност која е поинаква од онаа која ја посакуваме за себе и за своите ќерки. Милиони жени низ светот денес сè уште се борат со законски и социјални ограничувања кои ја лимитираат нивната автономија, го загрозуваат здравјето и ја рушат економската независност. Од обврската да му се покоруваат на сопругот, до ограничувања во поседувањето имот, пристапот до образование и финансии, проблемите се глобални и континуирани.
Овие ограничувања не се само статистика или суви податоци, тие се конкретни, секојдневни бариери кои ја контролираат слободата на жените и го обликуваат секој аспект од нивниот живот. Покорувањето е легализирано со закон и тоа не е само дискриминација, туку институционализирана контрола врз телото и животот на жената.
Закони кои го легитимираат патријархатот во секоја куќа и секој дом, денес се реалност за жените во 18 земји меѓу кои Јемен, Саудиска Арабија, Пакистан… места каде мажот го има последниот збор за работа на жената, патување, семејство. Во овие и слични земји, жените не можат да започнат да работат без дозвола од сопругот. Речиси 40% од земјите во светот имаат закони кои го ограничуваат поседувањето на лична сопственост на жените, а милијарда жени немаат пристап до формален финансиски систем.
Ова не е е бројка. Ова е секојдневно чувство на ограничување, постојан потсетник дека потенцијалот на жените не вреди доволно.
Работата и слободата не смеат да бидат предмет на дозвола. Правото да работи и да поседува имот не е смее да се сведе на привилегија. Секое ограничување на автономијата е директен удар врз достоинството на жената.
Замислете милијарда жени без пристап до банкарска сметка, без можност да инвестираат во образование или бизнис, без право на сопствено тело. Замислете како е да се родите во систем во кој основните права се „привилегија“, а вие сте сè, само не личност со потенцијал.
Дури и во земји како Франција, Германија и Јапонија, каде формално постои еднаквост, жените се соочуваат со разлики во плати и нееднква застапеност во политиката и лидерски позиции. Политичките кризи и конфликти, како во Авганистан и Мали, уште повеќе ја ограничуваат автономијата на жените, додека во Саудиска Арабија постои напредок, но со значајни ограничувања.
Загрозувачки е и податокот дека денес во 20 земји, силувачот може да избегне казна ако се ожени со жртвата и дека само околу 56% од мажените жени можат сами да одлучат за сексуални односи, контрацепција и здравствена заштита.
Замислете еден свет каде силувањето е легализирано ако силувачот се ожени со жртвата. Свет каде жената нема пристап до здравство, до средства за контрацепција, до сигурен абортус… Ова не е фикција. Тоа е реалност за милиони жени денес. Многу тажна и поразителна реалност.
Сите овие примери покажуваат дека борбата за женски права е далеку од завршена и тоа не е само борба на жените, тоа е борба на сите. Правата на жените не се само прашање на правда, туку и мерило за зрелост на едно општество.
Оваа борба не ја водиме само за себе, ја водиме за нашите ќерки. За девојчињата кои ќе пораснат во свет каде можностите не се определуваат од полот, каде секоја од нив може да избере пат без страв, без ограничувања и без неправда. Кога жените ќе имаат пристап до образование, здравство, работа и финансии на ист начин како мажите, целиот свет ќе биде побезбеден, поинтелигентен и покреативен.
Но за тоа да се случи, мораме да ги разбиеме стереотипите, да ги отвориме вратите за економска и социјална автономија, да создадеме култура каде жената не мора да се бори за своето постоење, туку за својот раст, својот глас и својот избор.
Борбата за женски права е иднина и таа почнува со секој од нас. Со секое донесено законско решение, секое овозможено образование за девојчиња, секоја економска можност што им се дава на жените, со секоја наша бунтовност и гласност, со нашиот отпор да се покориме на стереотипите и да живееме во комфорот на традицијата, градиме свет каде рамноправноста не е само збор на хартија, туку реалност која се чувствува и живее. Општество во кое еднаквоста не е само идеал, туку начин на живот, е свет кој си го должиме себе си.
