Борјан Ефтимов: Студентскиот бунт ја разголува утопијата на Вучиќевиот режим

Борјан Ефтимов, познат по своите прогресивни ставови и континуирана борба за правда и еднаквост е голем поддржувач на младинските движења во регионот, истакнувајќи ја важноста на солидарноста во создавање на промени. Во овој разговор, Ефтимов зборува за значењето на масовните студентски протести во Србија, кои излегоа од рамките на реакција на трагедијата и прераснаа во отпор против автократскиот систем.

Со неговиот продорен увид, тој ги анализира структурните проблеми на српското општество и ја акцентира силата на младите во разоткривање на системските неправди. Како еден од најгласните поддржувачи на овие движења, Ефтимов истакнува дека борбата на студентите во Србија е одраз на заедничките предизвици со кои се соочува целиот регион. Во продолжение, разговараме за корените на незадоволството, можностите за промени и неговата верба во трансформативната моќ на младината.

Трн: Како ги гледате актуелните студентски протести во Србија?

Борјан: Масовниот студентски бунт во Србија не е само реакција на трагедијата во Нови Сад, туку претставува фундаментално раскрстување со вучичевата автократска нормалност која се чини дека беше прифатена од останатите генерации. Овие студенти не бараат само казна за виновниците за трагедијата, тие го разоткриваат лицемерието на системот кој продуцира една лажна утопија која неизбежно ќе почне да пука по сите шавови неможејќи да ги одржи своите митолошки ветувања. Така, студентите со својот бунт не само што се спротиставуваат на неправдата туку и ги откриваат структурните противречности на самиот вучичев систем. Ова се гледа и во нервозната реакција на властите. Активирањето на „батинашите“, заканите дека кобрите ќе ги „исчистат“ демонстрантите за 6-7 минути, или пак целокупната воинствена реторика на купените медиуми, јасно ни укажуваат на нервозата на Вучиќ и неговите поданици. Овие протести се момент на колективна јасност, будење што може да ја отвори пандоритната кутија за вучичевиот систем повлекувајќи ја завесата на апатијата.

Трн: Дали сметате дека студентите таму го пронашле вистинскиот начин да се борат за своите права, и какви паралели би извлекле со протестите што вие ги организиравте пред години во Скопје?

Борјан: Мислам дека не постои „вистински начин“ на протест. Околностите и луѓето го креираат својот пат и тие веројатно најдобро знаат кој е најефикасниот начин да протесираат. Оние кои се на власт често го користат „вистинскиот начин“ за делегитимирање на несогласувањето, за да сугерираат дека отпорот е валиден само кога е во согласност со нивните очекувања. Тоа го гледаме и во Србија, исто како и кај нас во 2014, српската власт разговара со студенти кои наводно се „легитимни претставници“ и кои се разбира се балгодарни на истата таа власт која ги поставила на нивните позиции. Вучичевите новинари се токму тие кои се најзагрижени дека студентите го уништуваат образованието и им оневозможуваат на „вистинските“ студенти да учат и да ги полагаат своите испити. Истиот тој Вучиќ испрати маскирани „батинаши“ да ги „рашљакаат“ студентите од драмскиот факултет. Тука ја гледаме психозата на тој режим, студенти кои вредат се само „нашите“, а „вашите“ ќе бидат влечени по улици. Наспроти бруталната пропаганда, српските студенти успееа да го принудат општеството да се соочи со она што досега го игнорираше. Српските студенти успеаа да ја разбијат илузијата за стабилност, покажувајќи дека статус квото не е ниту природно, ниту одржливо. Можеби студентските протести се неуредни, несовршени и погрешни во нечии очи, но тие апсолутно неопходни да го разобличат тој режим. Оттука, да, тие го избрале вистинскиот начин.

Трн:Што е клучно за успехот на студентски протести?

Гледајќи го примерот од Србија, што би издвоиле како најважен фактор за студентите да ја постигнат својата цел – масовност, медиумска поддршка или јасно дефинирани барања?

Борјан: Не би се осудил да дефинирам што е успех во нивниот контекст. Ако успехот е тесно дефиниран – исполнети специфични барања, променети политики – движењето ризикува да биде апсорбирано во самиот систем што сака да го предизвика и промени. Вистинскиот успех не е единствен настан кој може да се определи, туку постојана енергија на чудотрагање, односно одбивање да се дозволи борбата да заврши предвреме, како што тоа се случи кај нас.

Масовно учество, медиумска поддршка, јасните барања – тоа се само алатки, а не суштината на протестот. Суштината лежи во создавањето на нов простор, т.е. просторитет каде колективното дејствување ќе ја предизвикува доминантната структура на моќ. Српските студенти се чини дека тоа и го разбираат. Нивните протести не се само за непосредни цели, туку тие се за преобликување на српскиот политичкиот пејзаж, ставајќи до знаење дека токму тие се силата која ќе го создаде новиот свет.

На крајот, успехот не е за победа во рамките на системот. Така ќе го добијат и по Милошевиќ, Вучиќ. Станува збор за покажување дека системот не е непроменлив – дека може, и мора, да се промени во самата срж, а тоа ќе се случи само преку креирање на еден нов просторитет во кој новите умови ќе можат да творат, преиспитуваат и создаваат.

Окупацијата е токму таков акт на делимитирање на одреден просторитет каде напредокот станува можен преку слободата за реализирање на секаков потенцијал (уметнички, умствен, креаторски…) кој го предизвикува статус квото и тука тие погодуваат во центар. Создаваат оаза на еманципација.

Проблемот ке им се јави во ширењето на границите на тој просторитет надвор од универзитетскиот кампус. Тие ке се судрат со проблемот на ревоспоставување на репрезентација во моментот кога треба преку некој субјект кој што е избројан во политичкиот спектар авторитетно да гарантира дека промената на правилата е можна. Таков во српскиот политички спектар е тешко да се најде во моментов. Така што можеби не треба да ја прават нашата грешка и треба да бидат поголеми чудотрагачи и да размислат за формирање нов субјект со сите предизвици кои тој процес ги носи со себе .

Трн:Колку е важна студентската солидарност преку границите?

Можат ли протестите во Србија да бидат инспирација за студентите во Македониј?

Борјан: Солидарноста е есенцијална во секое револуционерно движење. Борбата на студентите во Србија не е изолирана, токму напротив таа е дел од регионалниот наратив на младинското незадоволство. Границите се ирелевантни во овој случај, бидејќи силата на нееднаквост, богатењето и отуѓување на системот од младите се универзални проблеми со кои се соочува целиот регион.

Се разбира дека протестите се инсипрација. Па видете го само името. Во 2011 во Хрватска студентите се организираа во пленуми при своите протестни движења, веројатно инспирирани од нив и студентите во Македонија во 2014 ги искористија истите принципи, идеи и начини на дејствување. Десет години подоцна, тоа го гледаме и кај студентите во Србија. Како што хрватските ги инспирирале македонските студенти, така верувам дека и ние сме ги инспирирале српските. Кругот постојано се врти, инсипирација треба да бидат токму овие брилијантни млади умови, а не културниот тероризам на ТВ Пинк и неговите клонови кој длабоко продира во нашата држава.

Трн:Дали кај нас студентите имаат доволно причини за протест?

Сметате ли дека студентите во Македонија сè уште имаат трпение за системските проблеми, или можеби и тука ќе дојде до ‘точка на вриење’ слична на онаа во Србија?

Борјан: Јас одамна не сум студент (за среќа хаха). Гледајќи ги студентските претставници денес, јас секој ден сум инспириран од нивната работа, храброст и искреност. Верувам дека самите тие можат и знаат да проценат кој е најадекватниот начин на дејствување, а секако кој и да е тој начин ќе ја имаат мојата поддршка. Македонските студентски организации за мене се единствената светла точка во нашето образование. Овие организации се производ генерации и генерации студентски движења кои го срушија минатиот модел на студентско организирање, и создадоа легислатива, но поважно создадоа просторитет за идните генерации да можат да создадат легитимни и демократски студентски организации кои соодветно ќе ги претставуваат студентите.

Трн:Дали искуството од вашето време покажува дека студентските протести можат да го променат односот на институциите, или сметате дека отпорот од системот е премногу силен?

Ако ме прашавте пред 3 години, мојот одговор ќе беше дека не е возможна промена во македонскиот систем, особено во делот на високото образование. Денес работите ги гледам од друга перспектива, гледам дека борбата за реформи во студентското организирање која започна уште од 2008 година, масовните студентски протести во 2014, новиот закон во 2018 и конституирањето на првото студентско демократско тело во 2020 година не била залудна. Денешните студенти, 16 години после првичната идеја од 2008 година, успееа да ми покажат дека борбата на многу генерации не била залудна. Денешните студентски собранија ме научија дека суштествената промена речиси никогаш не е брза и веднаш достижна, напротив, тоа е бавен процес обликуван од безброј мали и големи акти на отпор. Трансформацијата на студентскиот репрезентативен модел е доказ за долгорочната моќ на колективните напори низ генерациите чудотрагачи кои избрале да сонуваат нешто поинакво од моменталното. Тоа илустрира како борбите што можеби изгледаат залудни во моментот, можат да ги постават темелите за значајни општествени промени во иднината. Приказната за реформата на студентското претставување и успесите кои тоа денес ги бележи за мене е моќен потсетник дека ние сме дел од нешто поголемо од нас самите. Секоја генерација се надоврзува на ланецот на промените поставен од претходните, создавајќи континуитет на напредок. Додека се соочуваме со предизвиците на нашето време, можеме да црпиме инспирација од ова патување. Преку прифаќање на навидум невозможното и обврзувајќи се на упорна акција, и ние можеме да придонесеме за иднината каде што нашите аспирации ќе станат реалност за оние што следат.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни