Семејствата на жртвите од нападот на Бонди бараат национална истрага за антисемитизмот

Отворено писмо до премиерот Албанез по масовното пукање за време на Ханука во Сиднеј

Семејствата на жртвите од масовното пукање на плажата Бонди во Сиднеј упатија отворено писмо до австралискиот премиер Ентони Албанез, со барање да се отвори сеопфатна федерална истрага за порастот на антисемитизмот во Австралија и за можните безбедносни пропусти што претходеле на нападот.

Во нападот што се случи на 14 декември, за време на прослава на еврејскиот празник Ханука на Бонди Бич, двајца вооружени напаѓачи убија 15 лица, а ранија 40. Семејствата наведуваат дека од почетокот на војната во Појасот Газа во октомври 2023 година се бележи алармантен раст на антисемитска омраза, што, според нив, не било соодветно адресирано од институциите.

„Мора да знаеме зошто јасните предупредувачки знаци биле игнорирани, како било дозволено антисемитската омраза и исламскиот екстремизам да растат без контрола и кои промени се неопходни за да се заштитат сите Австралијци во иднина“, се наведува во писмото. Семејствата повикуваат и на формирање кралска комисија, што би овозможило независна и длабинска истрага.

Премиерот Албанез изјави дека сочувствува со семејствата и најави преглед на националната безбедност, нагласувајќи дека порастот на антисемитизмот „далеку ја надминува надлежноста на една федерална држава“ и претставува прашање од национален интерес. Сепак, засега не одговори позитивно на барањето за кралска комисија, туку најави истрага што ќе ги испита процедурите и законските пропусти поврзани со нападот, за кој се сомнева дека бил инспириран од Исламска држава.

Поради трагедијата, традиционалните новогодишни прослави на плажата Бонди се откажани, а властите најавија засилени безбедносни мерки на централната новогодишна манифестација во Сиднеј, со зголемено полициско присуство. Албанез дополнително најави воведување национално признание за храброст за цивилите кои им помогнале на жртвите и се соочиле со напаѓачите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни