Само двајца полицајци биле присутни на плажата за време на нападот во Бонди

Премиерот на Нов Јужен Велс призна сериозни безбедносни пропусти за време на прославата на Ханука во Сиднеј

Само двајца полицајци биле присутни на плажата Бонди во моментите кога вооружени напаѓачи отворија оган врз насобраните граѓани за време на прославата на еврејскиот празник Ханука, настан на кој присуствувале околу илјада австралиски Евреи. Ова го потврди премиерот на сојузната држава Нов Јужен Велс, Крис Минс, во интервју за Sky News Australia.

Минс изјави дека за ова прашање разговарал со полицискиот комесар Мал Ланион и призна дека бројот на полицајци на терен бил исклучително мал во моментот кога започнала пукотницата.

„Да, разговаравме со полицијата. Според информациите што ги имам, двајца полицајци биле во паркот за време или на самиот почеток на нападот. Во близина имало и други полициски патроли, па едно возило пристигнало неколку моменти по почетокот на пукањето“, изјави Минс.

Изјавата предизвика силни реакции во јавноста, особено поради фактот што голем број луѓе биле изложени на ризик со минимално полициско присуство. Минс оцени дека станува збор за „страшна трагедија“ и истакна дека полицијата, и покрај неповолната тактичка позиција, сепак реагирала.

Според него, полицајци од оддалеченост од околу 50 метри возвратиле оган со службени пиштоли кон напаѓачи кои биле вооружени со автоматско оружје, при што еден од напаѓачите бил убиен, а другиот тешко ранет и хоспитализиран.

Премиерот објасни дека во моментот на првичните прес-конференции не сакал да изнесува детали за полициските ресурси бидејќи истрагата сè уште трае и треба точно да се утврди движењето и распоредот на полицијата во критичните минути.

Во врска со споредбите зошто на одредени протести, како пропалестинските маршеви, има значително поголемо полициско присуство, Минс нагласи дека станува збор за различни безбедносни операции. Според него, голем дел од полицајците на тие настани биле распоредени околу синагоги и еврејски објекти, а не директно со демонстрантите.

„Ако можевме да го вратиме времето, јасно е дека ќе постапевме поинаку“, призна Минс, додавајќи дека истиот ден во источните предградија на Сиднеј се одржувале повеќе еврејски настани, што дополнително го растегнало полицискиот капацитет.

Во меѓувреме, преживеаниот напаѓач Навид Акрам (24) се разбудил од кома и е свесен во болница, но против него сè уште не е подигнато обвинение. Неговиот татко Сајид Акрам, кој исто така учествувал во нападот, починал на самото место. Австралискиот премиер Ентони Албанезе потврди дека Акрам досега не можел да биде испрашан поради здравствената состојба.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни