„Болва в уво“ се враќа на сцената на Драмски со нов јазик и нова енергија

Во Драмскиот театар во Скопје утре премиерно ќе биде изведена претставата „Болва в уво“ од Жорж Фејдо, во режија на Синиша Евтимов.

Станува збор за современо сценско читање на класичниот текст од 1907 година, кое, според режисерот, не претставува римејк на легендарната поставка од 1974 година, туку сосема нова интерпретација.

На денешната прес-конференција Евтимов истакна дека претставата кореспондира со денешното време и со енергијата на новата генерација актери во Драмскиот театар. Иако драмата не е сместена во строго одредена временска или просторна димензија, таа се случува „овде и сега“, со минимални технолошки интервенции, прилагодени на сценската логика на Фејдо.

„Ова не е римејк. Ова е сосема ново читање, со нов јазик и нова енергија. Преводот и адаптацијата се мои и се направени на јазикот на кој јас креирам претстави. Секогаш се обидувам да ги поврзам универзалните ситуации на сцената со моите лични приказни, и тоа продолжува и во оваа претстава“, рече Евтимов.

„Болва в уво“ за првпат беше поставена на сцената на Драмски театар на 24 март 1974 година и доживеа 333 изведби. Денес, повеќе од еден век по нејзиното создавање и сто години по смртта на Фејдо, текстот сè уште е еден од најизведуваните комедиски класици во светот.

Во претставата играат Дениз Абдула, Ања Митиќ, Марјан Наумов, Лазар Христов, Игор Стојчевски, Стефан Вујисиќ, Нина Елзесер, Златко Митрески, Рубенс Муратовски, Катерина Шехтанска, Томислав Давидовски, Јована Спасиќ, Петар Стојковиќ и Ивана Павлаковиќ.

Директорот на Драмскиот театар, Роберт Вељановски, информираше дека претставата е подготвена за 36 дена и дека станува збор за петта и последна премиера на театарот за годинава.

Евтимов изрази уверување дека „Болва в уво“ ќе има долг сценски живот и дека ќе се бара билет повеќе, не само поради препознатливоста на текстот, кој, како што рече, „слободно може да се нарече Библија на современата комедија“.

Сценографијата е дело на Мартин Манев, а костимите ги потпишува Раде Василев. Првите три изведби веќе се распродадени, а следната е закажана за 24 јануари.

Извор: СДК

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни