Врховниот суд на Бразил го затвори случајот против поранешниот претседател Жаир Болсонаро и формално му нареди да ја започне затворската казна од 27 години и три месеци, јавува The Guardian. Тој ќе ја издржува казната во ќелија од 12 квадратни метри во полициска станица во главниот град Бразилија.
Покрај Болсонаро, судот наложи и шестмина негови соработници – обвинети за вмешаност во планирањето на пуч по поразот на изборите во 2022 година – веднаш да започнат со издржување на своите казни.
„Психолошки е скршен“, изјави неговиот син Карлос Болсонаро по денешната посета во притвор.
Судијата на Врховниот суд, Александре де Мораес, денес официјално го заклучи случајот, со што пресудата стана конечна. Болсонаро и претходно поднесе жалба, но таа беше одбиена.
Поранешниот претседател беше осуден во септември за организирање план за државен удар по поразот од актуелниот претседател Луиз Инасио Лула да Силва. Минатиот викенд беше приведен откако се утврди дека за време на куќниот притвор се обидел да ја отстрани електронската алка.
На сослушувањето, Болсонаро тврдеше дека не планирал бегство и дека неговиот обид бил последица од лекови за „хронично искашлување“ што, како што рече, го навеле да помисли дека уредот содржи опрема за прислушување.
Според обвиненијата, планот на Болсонаро и неговите соработници во 2022 година наводно вклучувал и атентат врз Лула и неговиот тогашен кампањски партнер Жералдо Алкмин.
Меѓу осудените соработници се и поранешниот министер за одбрана Пауло Серхио Ногејра де Оливеира (19 години), поранешниот министер за институционална безбедност генерал Аугусто Хелено (21 година), поранешниот командант на морнарицата Алмир Гарние Сантос (24 години), поранешниот министер за одбрана Валтер Брага Нетo (26 години), поранешниот министер за правда Андерсон Торес (24 години) и поранешниот шеф на разузнавачката служба Александар Рамажем, осуден во отсуство на 16 години затвор по неговото бегство во САД.
Извор: N1info.rs
