Boeing ќе исплати 28 милиони долари на семејството на жртва од падот на авионот 737 MAX во Етиопија

Федерален суд во Чикаго нареди „Boeing“ да исплати над 28 милиони долари на семејството на службеничка на ОН која загина во падот на авионот 737 MAX во Етиопија во 2019 година. Пресудата е прва од низа тужби поврзани со трагичните несреќи во Етиопија и Индонезија.

Поротата на федералниот суд во Чикаго донесе одлука со која компанијата Boeing е обврзана да исплати повеќе од 28 милиони долари на семејството на Шикха Гарг, службеничка на Обединетите нации за заштита на животната средина, која загина во падот на авионот Boeing 737 MAX во Етиопија во 2019 година.

Оваа пресуда е првата во серија судски постапки поврзани со двете трагедии — во Етиопија и во Индонезија (2018), во кои животите ги загубија вкупно 346 лица.

Според постигнатиот договор меѓу страните, семејството на Гарг ќе добие вкупно 35,85 милиони долари, што го вклучува целиот износ на пресудата плус 26 проценти камата, а Boeing нема да поднесе жалба, потврдија адвокатите на семејството.

Адвокатките Шанин Спектер и Елизабет Крофорд, кои ја застапуваа фамилијата, изјавија дека оваа одлука „претставува јавно признавање на одговорноста за незаконското однесување на Boeing“.

Гарг имала само 32 години кога летот 302 на Ethiopian Airlines од Адис Абеба кон Најроби се срушил само неколку минути по полетувањето.

Во тужбата се наведува дека авионот 737 MAX бил неправилно дизајниран и дека Boeing не ги предупредил патниците и јавноста за можните ризици.

Овој лет се сруши пет месеци по трагедијата на летот 610 на Lion Air во Индонезија, кога авионот падна во Јаванското Море. И во двата случаи, неисправниот автоматизиран систем за контрола на летот беше идентификуван како клучен фактор за несреќите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни