Борче Стаменов од иницијативата „Донирај компјутер“ е еден од добитниците на државната награда „Мајка Тереза” која беше доделена вчера од страна на Министерството за култура. Наградата се доделува за особено значајни остварувања од интерес на државата во областа на хуманоста и човечката солидарност,и за поттикнување, унапредување на меѓусебното разбирање и развој на соработката, како меѓу народите така и меѓу припадниците на различните заедници, култури и вери, во 2025 година.
Во интервју за „Трн“ Стаменов сподели повеќе околу секојдневниот мотив за оваа работа, соработката на компаниите и почетоците на „Донирај компјутер“ која за брзо стана една од најпрепознатливите хумани иницијативи во земјава која го менува животот на многумина. Позади иницијативата на Стаменов стојат над 2500 донирани компјутери, помош на многу училишта и социјално загрозени семејства. Копјутери биле донирани и за многу други здравствени установи, пожарникарски друштва но и стартап бизниси, со цел да се обезбеди барем еден компјутерски уред на семејствата кои не можат да си го дозволат, или онаму каде е најпотребно.
Неговата приказна со оваа иницијатива започнува во Кавадарци пред седум години. Тогаш, тој го инсталирал првиот компјутер во семејство со три мали деца. Сликата како нечие ”ѓубре” може да стане нечија неизмерна радост, ја покренува целата иницијатива на социјалните мрежи и добива голем позитивен одек во јавноста, по што годината ја завршува со 650 донирани компјутери.
Стаменов продолжува со неговата хуманитарна акција која од ден на ден расте низ државата, а учествува во поддршка и на иницијативата „Плати семестар„ од здружението „Млади од семејна разновидност“ со цел олеснување на финансиските трошоци за оние студенти кои не можат да си го дозволат студирањето.