Бобан Лазовски „Egorythmia“: Трансот е музика која ги спојува душата и телото

Со моите издавачки куќи креирам одреден правец, препознатлив во светот. Мојата музика е многу оригинална и лесно препознатлива и сега има огромен број нови артисти кои што го пратат тој звук, што на некој начин значи дека сум оставил влијание на светската музичка сцена. Значи буквално секој ден добивам демо материјали од луѓе од Бразил, од цела Европа кои што буквално звучат како мене

Едно од најголемите прогресив псај транс имиња во светот Egorythmia, во петок вечер настапува во Тирана на Muse-X Expofest. Egorythmia велат организаторите, го носи албанскиот фолклор во нова димензија — ремиксирајќи вековни мелодии во длабоки електронски ритмови, придружувани од професионални народни танчери кои изведуваат живо хореографијата создадена исклучиво за овој настап. „Прослава на корените, ритмот и реинвенцијата“. Овој фестивал е само дел од успешните настапи на еден од најпознатите диџеи и музички продуценти во земјава.

Бобан Лазовски се стекна со светска слава со својот албум Egorythmia во 2008 и оттогаш почна да го користи тоа име на настапите во најголемите клубови и фестивали низ светот. Бобан е музички продуцент од Скопје, еден од повлијателните и продуктивни продуценти во жанрот прогресив транс. На музичката сцена е активен од 2001 година.

Оттогаш има бројни изданија за најреномираните издавачки куќи како што се Iono, Iboga, Perfecto Fluoro, Tesseractstudio, Blue Tunes, Echoes и Plusquam, и редовно гостува на најголемите светски музички фестивали и клупски настани за електронска музика како Boom, Ozora, Fusion, Exit, Antaris, Universo Parallelo, Sunburn, Equinox, BAP, World of Trance, TamTam и други. Egorythmia има соработувано со врвни музички продуценти, меѓу кои Ace Ventura, liquid Soul, Ritmo, Zen Mechanics, Perfect Stranger, Quantize и Mute.

Го прашавме Боби што е за него дефиниција за транс музика?

-Веројатно некој спиритуален танц, музика која што ги спојуваат душата и телото на еден начин, вели тој.

Во моментов Боби работи со две издавачки куќи, едната е Morion Record, другата е Sound of Akaѕha и е фокусиран на тоа да го приврши неговиот четврти албум кој што треба да излезе во мај или на почетокот на јуни.

-Со моите издавачки куќи креирам одреден правец, препознатлив во светот. Мојата музика е многу оригинална и лесно препознатлива и сега има огромен на број нови артисти кои што го пратат тој звук, што на некој начин значи дека сум оставил влијание на светската музичка сцена. Значи буквално секој ден добивам демо материјали од луѓе од Бразил, од цела Европа кои што буквално звучат како мене. Така да, да, сум оставил одреден печат – вели Боби.

Тој го работи ова повеќе од 15 години, а со музичка продукција се занимава 25 години. Летово ја најавува европската фестивалска сезона почнувајќи од мај, па се до август, паралелно и во Јужна Африка, Јужна Америка Бразил, Аргентина, Мексико…

-Тие држави генерално се база на оваа музика која што ја издавам. Ситуацијата после пандемијата е малку потешка, посебно во Европа, меѓутоа Јужна Америка се издвојува како лидер на глобалната музичка сцена барем во транс и и псајтранс музиката. Европа е во благ застај поради сите работи што се случуваат со рецесија, војната во Украина и слично, меѓутоа сеуште опстанаа некои фестивали, посебно најголемите фестивали се опстојуваат и се надевам на наскоро излегување од таа криза и успешна фестивалска сезона – вели Боби.

Во однос не неговите настапи во земјава, вели дека се труди тие да бидат што поредовни поради публиката која овде ја има.

-Порано многу поретко настапував, но во последно време сфатив дека треба да ја преземам одговорноста исто како и дел од повеќето реномирани диџеј артисти. Треба што почесто да настапуваме тука и на тој начин на новите генерации да им презентираме дека нешто веќе постоело, што вреди да се следи дека и ако не го презентираме ние тоа, може да исчезне комплетната сцена. Треба да се фокусираме паралелно како на интернационалните настапи, така и што почесто да настапуваме и во Македонија и во Скопје и во сите градови за ширење на оваа субкултура – вели Боби.

Денес вели Боби, македонската сцена е доста позната и признаена надвор.

-Па може да се сетам на почетоците мои тоа да да речеме 2000- та година кога почнав со овој проект во 2008-2009-та и верувајте дека буквално никаде не знаеа за Македонија. Сега после после 15 години да речеме имаме огромен број на артисти кои што успешно настапуваат, ја презентираат државата. Мислам дека буквално секаде во светот веќе сме на мапата како доста успешни во овој вид на субкултура, ентертејмент, забава, како и да го наречам – објаснува Боби.

Ако зборуваме за тоа да направи споредба на електронската музика некогаш и сега, Боби вели дека тогаш имало многу помалку диџеј артисти, за разлика од сега кога тоа е огромен број и сериозна конкуренција.

-Меѓутоа од друга страна овие технички работи коишто порано имавме многу малку информации, посебно тука на Балканот, не ни имавме ни финансиски средства да си дозволиме сите тие луксузни студија, звучници, синтезајзери, сега сето тоа е многу полесно и подостапно и единствено ако постои желбата многу лесно може се помине тој процес на едукација вели Боби.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни