Во сабота (13 мај), како дел од концертната програма на фестивалот за промоција на феминистичката култура и активизам – Прво па женско, ќе имаме прилика да ги гледаме Бојана Вунтуришевиќ од Белград и дуото Алембик од Скопје. Концертот почнува во 21 часот во денсинг салата на Младинскиот Културен Центар.
Бојана Вунтуришевиќ, една од најактуелните кантавторки во регионов. Ја знаеме како како пејачка на инди поп бендот Svi na pod! А од 2016 година почнува и со соло кариера. Нејзиниот деби албум Daljine доби многу позитивни критики и признанија, а во 2021 година со песната „Пари“, го најави и вториот албум „Ljubav“, кој го издаде во февруари оваа година. Вунтуришевиќ го опишува нејзиниот стил како „капиталистички блуз“ и црпи влијанија од инди поп, трип хоп и денсхол. Заедно со Бојана доаѓа и Пеџа Милутиновиќ, да растури на бубањ!
Алембик се Виктор Танасковски (електрична и акустична гитара, бас гитара, мандола, вокал) и Ива Дамјановски (клавијатури, вокал, теремин). Нивната музика е обид за спој и реобмислување на различни музички жанрови, користејќи експериментални и атипични начини на произведување звук преку (алхемиска) игра со музичките елементи (оттука и идејата позади името).
Билетите за концертот се по цена од 200 денари и можат да се купат онлајн или на билетарницата на МКЦ.
#ППЖ11 е поддржан од: Embassy of Sweden in Skopje, The Kvinna till Kvinna Foundation, Equality Fund, Зигрид Раусинг Траст и Министерство за култура.
Концертот е во соработка со Младински Културен Центар и Liveurope.