Бојана Јанева: На секоја прошетка низ музејот јас сум им крајно благодарна на посетителите

Бојана Јанева со своите групни тури насловени како МСУ водич, внесе живост и нова страст во салите на Музејот на современата уметност. Во вистински просветителски манир, Бојана ги доближува делата изложени во музејот до јавноста, а особено е битно што поседува посебен да, нејзиното знаење и љубов кон уметноста да ги префрли и на најмладите.

Ја чекавме да заврши со една од нејзините тури за да ни одговори на неколку прашања. Вредеше чекањето.

Трн: Кога беше најсреќна?

Бојана: Во детството, најверојатно. Одамна не целам кон чувствување на среќа, повеќе ми е предизвик да бидам задоволна. Сметам дека е поодржливо на долгорочни стази, а и помалку исцрпувачки.

Трн: Од што најмногу се плашиш?

Бојана: Од тоа да се плашам. Стравовите брзо знаат да прогресираат, доколку им влеваме емоционално гориво. Со текот на годините поднаучив техники за брзо детектирање на конкретниот, незамаскиран страв (со цел да се  погледне и одмери противникот), како и методи за справување со несигурностите. Да речеме, се носам со стравовите… најчесто. Притоа, најомилена техника, научена уште во рано детство ми е хуморот на своја сметка, особено кога ќе се појави во внатрешниот дијалог. Ме вади опасно, од многу опасни ситуации.

Трн: На која жива личност најмногу ѝ се воодушевуваш и зошто?

Бојана: На многу жени кои ги знам или познавам. Тоа се, за мене, примери на жени за восхит, затоа што им го познавам патот, трновит им е многу често, ама се креваат наутро подготвени за предизвиците кои ги носи денот. Нивните извојувани и изгубени битки не се запишани од страна на историјата. Но, тоа се ликови и карактери околу нас, кои и покрај сите удари, во нивните очи имат сјај, а насмевката им е од срце.

Трн: Дали го гледаш МСУ како музеј, или како жив генератор на современа, нова уметност?

Бојана: Го гледам како музеј кој е жив генератор за откривање на нови светови, лични, внатрешни, освен креативно манифестирани во визуелната уметност, потоа на интелектуално надградување и музеј-генератор на цела палета емоции, сознанија и расположенија.

Трн: Што ти е највредно од она што го поседуваш?

Бојана: Постои една, би рекла црно-бела поделба на два типа на луѓе „да се има“ и „да се бидe“. Јас, според ова, припаѓам повеќе на вторите. Па, ретко што доживувам како нешто што поседувам, бидејќи тоа го гледам како минлива или лесно менлива категорија. За мене е вредна мојата способност за целосно внесување во животните улоги и одговорностите што тие ги носат, зачинето со многу љубов и посветеност. Со една реченица, поседувам огромно чувство на верба и ведрина во животот.

Трн: На кој би сакала најмногу да му се извиниш и зошто?

Бојана: На мајка си и на син ми, за моментите, чиј тек сега би го променила. Верувам, простено ми е и од двајцата. Секогаш ќе верувам во прошката на таа безусловна љубов.

Трн: Дали е немир, или е страст?

Бојана: И двете. Токму по овој редослед. А, понекогаш и обратно знае да се случи.

Трн: Колкаво е значењето на МСУ за македонската култура?

Бојана: Од неприкосновено значење! За тие што не знаат зошто, ги чекам на прошетка низ изложбите, на некој нареден „МСУ Водич“.

Трн: Доколку како во времеплов би можело да се патува назад, каде би заминала?

Бојана: Смело прашање за поставување кон една историчарка на уметноста, во интервју кое треба да е кратко (се смешка). Досега, не се случило да изучувам некоја историска епоха, без да замислам како им било на луѓето во тие времиња. Па, скратена селекција од временски локации што прво ми паднаа на ум би биле: Цариград, нешто пред времето на Теодора, Њујорк, 80ти, почетоците на хипи комуните во САД, па на гости кај Етрурците…и има секако, уште многу за набројување.

Трн: Што сметаш дека е твоето најголемо достигнување?

Бојана: Да го задржам огинот во себе, па и кога бил како „жарче запретено во пепел“. Но, за ова, бескрајно сум благодарна и на мрежата од роднини, другар(к)и, пријател(к)и, па дури и познанички/ци, кои безрезервно се тука, секогаш за споделен муабет, насмевка, помош. Тоа се оние луѓе кои и во моменти кога не се гледате себе си, ви ги позајмуваат своите очи, за да се видите подобро.  Следствено, достигнување ми е да познавам такви луѓе.

Трн: Твоите „прошетки“ низ поставките, привлекуваат огромен број гости, како се чувствуваш кога си во фокусот на вниманието?

Бојана: Предадена на моментот. Мојата насоченост е на скротување на брзината на мислите и на поконцизно образложение со цел да го задржам вниманието на публиката. Притоа, погоре споменатиот хумор, паралелно прострујува со адреналинот во крвта, па токму тоа придонесува на водењата и јас да си поминувам добро. Затоа, на секоја прошетка низ музејот јас сум им крајно благодарна на посетителите. Не би била таков музејски водич, доколку не би ја имала публиката наспроти мене, со опуштени лица и насмевка во очи.

Трн: Која е најважната лекција што ја научи од животот?

Бојана: Дека сите лекции се важни. Ако не ги научиме, ќе се повторат во некоја друга форма подоцна.

Трн: Омилено дело од збирката на МСУ?

Бојана: Ова прашање ми е исто како мајка кога се прашува кое дете ѝ е омилено. Па, од колекција од речиси 5.300 дела сигурно некои три илјади и петстотини, би рекла.
Шега на страна, токму во тоа е убавината на музејските колекции, што со секое ново гледање, откривам нови работи, поврзувам нови сознанија или учам отпочеток. И, секако дека имам свои омилени дела и автори, за кои неминовно се издавам кога зборувам на турите, колку и да се трудам да не ги обременувам посетителите со личните убедувања, со цел да оставам простор за нивно лично доживување и разбирање на уметноста. Па, повелете за едно такво искуство во МСУ, на некоја од прошетките на „МСУ Водич“.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни