Во Македонија секојдневно се случуваат сообраќајни несреќи – често со трагичен исход. Најмногу страдаат пешаците, а чувството на неказнивост ја продлабочува болката кај жртвите и нивните семејства. Возачи кои ги прекршуваат правилата, поминуваат лесно, а дел од нив се повторно вклучени во сообраќај со исти или слични последици.
Бојан Петровски пред пет години го изгубил својот брат Оливер, откако бил прегазен од возило кое се движело со брзина далеку над дозволената. Во обид да придонесе за системски промени и правда за жртвите, Бојан денес го споделува своето лично сведоштво. Ова е неговата приказна – длабоко лична, болна, но и инспиративна.
Мојот брат, Оливер Петровски, беше убиен на 29 јули 2020 година, околу 14 часот, додека одеше на работа. Имаше само 25 години.
Според сите околности и докази, тој застанал на средина од улицата 8-ми Септември – на место каде тогаш постоеше знак за пешачки премин и каде ограничувањето на брзината е 50 км/ч. Додека чекал да поминат возилата од десната лента за да ја премине безбедно другата страна, возач кој со недозволена брзина се движел по левата лента, престигнувајќи камион, го удрил и го исфрлил околу 40 метри. Брат ми паднал на глава и починал на самото место.
Иако сторителот сам признал дека возел во левата лента, вештачењата беа контрадикторни и тенденциозни – прво се утврди брзина над 100 км/ч, па потоа беше намалена на 86, а на крајот на 79. И покрај тоа, таа брзина е над дозволената. Наместо правда, добивме обид дел од вината да му се припише на брат ми, за да се ублажи вината на сторителот – што, за жал, и се случи.
Трн: Би сакала да започнеме со твојата лична приказна. Можеш ли да ни раскажеш како изгледаше твојот живот пред и по несреќата кога го изгуби твојот брат?
Бојан: Во тинејџерските денови често ме обременувале егзистенцијалните прашања, но кога човек ќе ја најде смислата на животот, станува среќен. Таков беше и мојот живот, особено последните неколку години до смртта на мојот брат. Скромен, просечен живот во едно просечно работничко македонско семејство, исполнет со разни предизвици – но живот полн радост. Брат ми ми беше најблиската личност, и нашиот однос беше исполнет со неизмерна, нелицемерна, искрена љубов и братска слога. По несреќата, поточно убиството на мојот брат, животот тотално ми се измени. Празнината која ја остави загубата е ненадоместлива, и тагата од загубата е доживотна, но човек се учи да живее со таа тага. Велат „Она што не ве убива, ве прави посилен“, токму и тоа би го истакнал – мојот живот стана многу потежок, но и јас станав посилен за да се сносам со животните предизвици, а животната радост се уште постои, но во еден преобразен облик би рекол.
Трн: По трагедијата, што се промени во твојот начин на размислување за сообраќајот и неговата безбедност?
Бојан: Едноставно, сфатив дека голем дел од учесниците во сообраќајот во Македонија не внимаваат на безбедноста, така што јас би требало да внимавам на сопствената безбедност, а и на безбедноста на другите неколкупати повеќе отколку што тоа би било случај во нормални околности.
Трн: Во моментот кога ја доживеа несреќата, дали имаше нешто што ти се чинише како пропуст или нешто што можело да биде направено поинаку за да се избегне трагедијата? Како гледаш на тоа денес?
Бојан: Не само што ми се чинеше, туку факт е дека постоеше пропуст поради кој се случи несреќата – а тоа беше брзото возење на сторителот. Сторителот возел со недозволена брзина, и тоа беше докажано во вештачењата, и покрај тоа што вештачењата беа тенденциозни со цел дел од вината да се префрли кај брат ми, иако објективно кај него не постеше никаква вина. Поради недозволената брзина се случи и несреќата, и поради таа брзина сообраќајката беше со смртни последици по брат ми.
Трн: Од тогаш до денес, што сметаш дека се промени во начинот на кој се справуваме со сообраќајните несреќи? Дали гледаш напредок или мислиш дека постојат повторени пропусти кои треба да се поправат?
Бојан: Речиси ништо не се промени во позитивна насока. По убиството на брат ми, имавме уште многу сообраќајни несреќи со смртни последици, поради грубото прекршување на сообраќајните правила на голем дел од учесниците во сообраќајот, а сето тоа е директно предизвикано од неказнивоста која владее во Македонија.
Трн: Дали има нешто што ти се чини дека беше занемарено или неадекватно регулирано кога станува збор за законите и казните по сообраќајни несреќи? Што сметаш дека треба да се промени, за да не се случуваат повторно трагедии?
Бојан: Согласно Кривичниот законик, при предизвикување на сообраќајка со смртни последици, сторителот се казнува со казна затвор од минимум 4 години доколку делото го сторил со умисла, а од 1 до 5 години доколку делото го сторил од небрежност. Иако може да се критикува ваквото решение, сепак сметам дека сржта на проблемот не е во законските решенија, туку во постапувањето на правосудниот систем – несоодветни квалификации (не може да биде небрежност ако некој вози 100 на место каде што се вози 50, на пример), несразмерно ниски казни, контрадикторни вештачења, а според моето мислење, сето тоа произлегува од корупцијата која владее во правосудството.
Трн: Дали има некои аспекти од твоето истражување што те оставиле без зборови, како правник, но и како човек? Кои моменти од твојата работа најмногу те погодиле или те натерале да размислуваш повеќе за човечката природа и одговорноста на патиштата?
Бојан: Кога ќе имате контакт со македонското правосудство, многу работи ќе ве остават без збор. Несовесното постапување на судско-обвинителската фела, но и на вештаците и другите засегнати го има во толкава мера, што човек навистина останува без зборови. А за одговорноста на патиштата најмногу ме натерала да размислувам токму мојата семејна трагедија.
Трн: Кога гледаш на статистиката што ја водиш, постојат ли податоци кои покажуваат дека одредени типови на несреќи се повторуваат и денес? Што мислиш дека можеме да направиме како општество за да ги спречиме овие повторувања?
Бојан: Она што го имам забележано не би го нарекол статистика, туку едноставно лаичко активно следење на сообраќајките со смртни последици кои беа медиумски забележани, иако по убиството на Фросина се откри дека има и многу други слични случаи, кои не биле медиумски забележани. За жал, таквите несреќи и до ден денес се повторуваат, а како главна причина за ова би ја навел нефункционалноста на казнениот систем. За да се промени тоа, прво секој мора да тргне од себе и да внимава, да ги почитува сообраќајните правила, зашто често се жалиме на целата ситуација во државата, но со нашите постапки и ние придонесуваме во таквата ситуација. Поради нашата очигледна колективна невоспитаност, која за жал е преголема, потребен е функционален казнен систем, што за жал засега го немаме.
Трн: Што би сакал да им порачаш на сите оние кои денес се на патот, за да се избегнат несреќи и да се зголеми свеста за сообраќајната безбедност? Како можеме да се заштитиме едни со други?
Бојан: Почитувајте ги правилата. Сообраќајните правила се утврдуваат од страна на луѓе кои го проучиле сообраќајот, и кои најдобро знаат за безбедноста во сообраќајот. При непочитувањето на правилата, го загрозуваме сопствениот живот, и животите на другите учесници во сообраќајот. А доколку секој од нас ги почитува сообраќајните правила – сообраќајни несреќи нема да има, или би ги имало во мал број и со мали последици.
Трн: Како изгледа твоето патување денес? Дали, и покрај сите овие години на истражување, сѐ уште чувствуваш некоја болка или се уште наоѓаш надеж во твојата работа да помогнеш во спречувањето на несреќи?
Бојан: Болката секогаш ќе биде присутна, и човек со тек на време се учи да живее со истата, се навикнува. Особено кога човек ќе ја најде смислата на животот, кога ќе најде утеха во вечноста, многу полесно може да се справи со болката. За жал, во моментов се чувствувам тотално беспомошно да помогнам во спречувањето на несреќите, со оглед на тоа дека немам никаква моќ да сменам нешто, а засегнатите, односно луѓето од правосудниот систем упорно одбиваат да понесат одговорност.
Трн: Дали сметате дека прекршителите добиваат соодветни казни или не?
Бојан: Апсолутно не. Проценете сами – највисоката казна за предизвикана сообраќајка со смртни последици (убиено малолетно девојче на пешачки премин), е некаде околу 8 години, што самото по себе е над просекот. Вообичаено, сторителите на вакви дела се казнуваат со казни од само десетина месеци, или 2-3 години, а неретко и условни казни, што е еден огромен апсурд, и показател за корумпираноста на судството. Од оваа неказнивост произлегуваат и ваквите трагедии, и за жал, доколку не се создаде функционален казнен систем, голема е веројатноста дека во иднина, за жал, ќе ни се случат и други вакви трагедии.
Во Македонија се најавува имплементација на нов систем за мониторинг на сообраќајот – „сејф-сити“, кој треба автоматски да ги регистрира прекршителите, како оние што возат со недозволена брзина, паркираат на забранети места или управуваат нерегистрирани возила. Системот ќе користи камери поставени на „црни точки“ ширум државата и треба да обезбеди поголема транспарентност и ефикасност во санкционирањето. Но, и покрај технолошките решенија, клучен предизвик останува судската пракса, која често изрекува благи казни и придонесува за селективна примена на правдата. Сѐ додека овие слабости не се надминат, јавноста останува со чувство на неправда и недоверба во системот.
До времето на објавување на овој текст, не добивме одговор од СВР Скопје на нашето барање за официјална статистика за сообраќајни несреќи и страдани пешаци, иако прашањата беа уредно испратени пред повеќе од една недела.