Бакар со душа

Бојан Марковиќ „1325 Kraft“ — Кога убавината е лична приказна

Низ времето на креирање на дадениот производ,  идејата непрестајно ја лови потсвеста. Ја закачка, штипка, јава…каде и да погледнеш-мери. Доволно ли е добра идејата? Сиот дизајн, зборови, пакување е правено со помислата дали лицата би ви биле насмеани доколку ја добиете за подарок. Правени се со желба да сте исто така среќни и ако ја подарувате некому. Се замислуваат веќе поставени на полиците кај некого. Каков ефект ќе предизвикаат утредента, по две недели, по 4 години…обидот е да се даде кураж, јасно да велат-погледни се, па ти можеш се!

Во свет каде дизајнот често се сведува на тренд и функција, постојат креативни универзуми што го носат личното, емотивното и несекојдневното на површината. 1325 Kraft на Бојан Марковиќ е токму таков универзум — мал, рачно изработен свет од бакар, идеја и срце, создаден од личност која не се плаши да твори по свој терк и да провоцира среќа. Во ова интервју, разговараме за задоволството што доаѓа со тоа да се работи она што навистина се сака, за пркосот на рачната изработка во ера на масовност, и за храброста која се бара да гo следиш гласот што ти зборува одвнатре.

Делатата на Бојан и 1325 Крафт беа изложби во Бруклински Бар и беа дел од годинешниот Амбер Џез Фестивал.

Разговорот со Бојан е искрен, полн со длабочина и страст, и претставува ретка можност да се ѕирне зад завесата на процесот — од инспирација до насмевка кај клиентите. Сето тоа низ очите на личност што го претвори бакарот во емотивна порака и во елегантен отпор кон едноличноста.

Трн: Колкаво задоволство ти претставува да се занимаваш со тоа што навистина го сакаш и колку треба храброст за тоа ?

Бојан: Испитувањето на сопствените способности е нужно, но не секогаш и лесно. Самата помисла дека доброто, како производ, не постои па го смислуваш,креираш, китиш, пакуваш и некој потоа вели токму ова, од се останато на пазарот ми се допаѓа сега. И ќе си го купам. Тоа е ветрот. Тоа е уживањето. Интересно би било кога секој би си ги поддржал гласчињата кои му зборуваат во себе.

Трн: Зошто токму бакар? Што те привлекува кај овој материјал и како го гледаш неговиот потенцијал во дизајнот?

Бојан: Бакарот ? Безвремен е. Прочитав дека е клучен метал за човештвото повеќе од 10.000 години. Денес? Минимализам можеби? Нова технологија, уредување и метал со толкава историја како детал во домот? Мајстор за вклопување –секаде! Каде и да го поставите. Дефинитивно креира огромно поле за работа.

Трн: Во 1325 Kraft велиш дека сакаш да создаваш “невообичаен дизајн што провоцира среќа”. Како изгледа процесот на создавање дизајн кој има за цел да направи некого среќен?

Бојан: Низ времето на креирање на дадениот производ,  идејата непрестајно ја лови потсвеста. Ја закачка, штипка, јава…каде и да погледнеш-мери. Доволно ли е добра идејата? Сиот дизајн, зборови, пакување е правено со помислата дали лицата би ви биле насмеани доколку ја добиете за подарок. Правени се со желба да сте исто така среќни и ако ја подарувате некому. Се замислуваат веќе поставени на полиците кај некого. Каков ефект ќе предизвикаат утредента, по две недели, по 4 години…обидот е да се даде кураж, јасно да велат-погледни се, па ти можеш се!

Трн: Од каде црпиш инспирација? Уметност, архитектура, индустриски дизајн, секојдневен живот?

Бојан: Тоа чека во себе. Трпеливо е бидејќи знае дека е палаво. Црпи и избувнува. Сето ова што го набројавте е бунар без дно, потрага која треба да оформи нешто што во просторот ќе разигра, ќе даде додатна елеганција, ќе се препознае неговата потрага по слобода. 

Трн: Кажуваш дека „1325 Kraft е зависен од насмевка на клиентите“. Како се одржува тој личен и позитивен однос со клиентите, особено во време на онлајн продажба?

Бојан: Дефинитивно. Односот се гради и одржува само со континуитет. Клиентите треба на различни начини да почувствуваат дека како тие што ја поддржале твојата идеја, така и ти го цениш нивниот чекор. Одлука да се опкружат себе си со некој твој креиран дизајн или себе си да се претстават некаде, да ја покажат љубовта и почитта кон некому, со она кое ти си го создрал во вид на подарок,  за мене претставува и голема одговорност.

Трн: Како се балансира креативноста со потребата за квалитет и функционалност?

Бојан: Условите за игра тука се создаваат сами но насоката е таа. Подеднакво се хранат сите три. Се внимава на топлината на зборот кај оние производи кои се за одреден повод, а особено е битна моќта на себепретставувањето кај оние кои треба да се привлечни поради несекојдневниот дизајн. И тука има интересна појава, како и кај писателите. Нивната омилено напишана книга може слабо да биде барана, но некоја друга, за која не се премногу горди, да направи голем исчекор напред. Но тоа е тоа.

Трн: Колку е важно што се е рачно изработено? Дали чувствуваш дека публиката сè повеќе ја цени рачната работа во време на масовно производство?

Бојан: Клиентите треба да знаат дека купувајќи за својата приказна, попатно даваат здив и на нечија туѓа приказна. Во сите рачни изработки се кријат наши цели светови, листови и листови цртежи, пребарувања, трчаници, грешења и усовршувања. Се додека не се постигне саканиот стадиум. Се додека не изгледа така како што им се допаднало па го набавиле. Затоа и овие производи имаат посебна категорија клиенти, кои, несакајќи, всушност си го издаваат сопствениот динамичен карактер низ желбата да набават нешто поразлично.

Трн: Како се вклопи во приказата за Џез фестивалот во Бруклински?

Бојан: Александар го препозна 1325 уште пред неколку години кога ми дозволи прилика во неговиот простор, во Бруклински, да придонесам со одредени дизајни чија позадина и инспирација е токму џезот. Ми беше навистина кул бидејќи тоа е тоа кое постојано се ужива во работилница на радио. Неговата широкоградост еве ја повторно, со отстапување простор да се претставам уште еднаш пред неговите гости со селектиран производ, бакарни мали труби во моментов.  

Трн: Ако можеш да опишеш во една реченица – што претставува 1325 Kraft?

Бојан: Во еден збор.Пркост.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни