Од групата истакнуваат дека реформата долго се подготвувала како одговор на проблемите во работењето на Советот, но нејзиното процесирање било неоправдано одложувано. Забележуваат дека токму по објавувањето на огласот за нов член, постапката одеднаш била забрзана, што испраќа нетранспарентна и нелогична порака до јавноста.
„Се релативизира реформскиот процес, наместо да се зајакне“
Организациите потсетуваат дека целата процедура ја следи меѓународната заедница и дека наместо демонстрирање институционална зрелост, се создава впечаток дека процесите се изигруваат.
Блупринт групата предупредува дека повторното користење на застарените критериуми за избор носи реален ризик од нови компромитирачки избори, наместо промовирање членови со висок интегритет, експертиза и значајно правно искуство, како што предвидува новиот закон.
Недоследност и нарушена доверба во судството
Во реакцијата се нагласува дека ваквите чекори ја нарушуваат довербата во судската власт во целина, како и во Судскиот совет, уставно тело чија мисија е да ја гарантира независноста на судството.
Особено проблематично е тоа што Собранието продолжува со истата постапка за избор, иако претходно токму тие критериуми беа критикувани, а за дел од веќе избраните членови беше изгласана интерпелација.
Апел до Собранието: најпрво донесете го новиот закон
Блупринт групата бара Собранието да не избира нов член сè додека не биде усвоен новиот Закон за Судскиот совет, кој предвидува транспарентна и конкурентна процедура за избор, со поголема вклученост и увид на јавноста.
Организациите предупредуваат дека ваквите одлуки директно ги загрозуваат напорите за приближување кон европските стандарди и владеење на правото, клучни услови на евроинтегративниот процес.
Потписници на соопштението:
– Институт за европска политика (ЕПИ)
– Институт за човекови права (ИЧП)
– Коалиција „Сите за правично судење“ (КСПС)
– Македонско здружение на млади правници (МЗМП)
– Хелсиншки комитет за човекови права (ХКЧП)
– Центар за правни истражувања и анализи (ЦПИА)
Извор: Блупринт.орг.мк
