„Blue Velvet“ – Синиот превез на темнината

Во филмската историја, Blue Velvet (1986) останува запишан како ремек-дело, претставувајќи ја есенцијата на субверзивната визија на неодамна починатиот мајстор на филмскиот бизарен печат – Дејвид Линч.

Џефри Бомонт е современ херој кој минува низ архетипското патување од невиноста до просветлувањето. Како млад човек што се враќа во својот роден град, тој е конфронтиран со идиличниот приказ на Lumberton – место каде што зелената трева и сините небесни хоризонти кријат мрачна тајна. Увото, пронајдено во тревата, е почетокот на неговата иницијација во светот на возрасните – свет на болка, страст и разоткривање.

„Blue Velvet“ го симболизира триумфот на модернизмот во филмската уметност. Линч ги употребува алатките на класичната структура – почеток, средина и крај – но ги трансформира во нелинеарен кошмар. Просторот на Lumberton е уреден и идиличен само на површината, додека под слоевите на совршенството демне распад и тензија. Линч не се плаши да го деконструира американскиот сон, прикажувајќи го како кревка илузија.

Преку симболиката на сината ткаенина, тој создава мост меѓу стварноста и апстракцијата. Модернистичкиот контраст помеѓу светлината и темнината, невините и корумпираните, го отелотворува клучниот концепт на амбиваленцијата, која владее со човечкиот живот. Играта на светло и сенка е надополнета со музиката на Анџело Бадаламенти – симфонија на копнеж и вознемиреност.

Во сржта на филмот е  разбирањето на реалноста како повеќеслојна. Увото пронајдено во тревата не е само дел од телото – тоа е портал кон подземниот свет. Како Орфеј во митологијата, младиот Џефри (Кајл Меклахлан) навлегува во непознатото, воден од својата љубопитност, но и од скриениот импулс за самоспознавање.

Дороти Валанс (Изабела Роселини) е симбол на страста и болката, жена која ги инкарнира женските архетипови – мајката, љубовницата и жртвата. Нејзината ранливост и магнетска привлечност о рефлектираат постојаното авторско истражување на женскиот принцип како сила на создавање и уништување.

Денис Хопер, во својата брутално искрена интерпретација на Френк Бут, го претставува стимулот на човечката темнина. Неговите ритуали со инхалаторот, придружени со насилство, го симболизираат нескротениот Ерос и Танатос, двојноста која го обликува нашето постоење.

Модернистичкиот пристап на Линч го сместува Џефри во еден свет во кој тој мора да се справи со сопствениот морален компас. Неговата привлечност кон Дороти и конфронтацијата со Френк Бут го претставуваат неговото соочување со силите на љубовта и смртта. Во тоа патување Џефри открива што се крие под површината на совршеното предградие и ги разоткрива сопствените потиснати импулси.

Сцената со птицата на крајот го заокружува овој циклус – таа е симбол на обновата, но и потсетник дека секоја победа е привремена, а секоја светлина е само мала искра во темнината. Користењето на овој мотив ја засилува и поцртува авторската визија за животот како сплет од видливо и невидливо, световно и духовно.

Blue Velvet е современ мит – приказна за распадот, а и за светлината која едвај продира низ густата темнина. Соочувањето со ова дело значи соочување со себеси, во надеж дека секој еден ќе го пронајде „синиот превез“ што ја покрива личната вистина.

Со Blue Velvet, Дејвид Линч создаде филм кој ги надминува жанровските одредници, служејќи како огледало на нашата цивилизација. Со неговата смрт, светот изгуби автор кој го редефинираше општиот јазик на кинематографијата. Но, неговото дело останува бесмртно – поетски запис за темнината што сите како поединци ја носиме внатре во себе. Неговата смрт означува крај на една ера, но и потсетник дека неговата уметност продолжува да живее како огледало на колективното подсвесно.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни