Биваше ли на „Blue Monday“ да ѝ го залепат митот за „најдепресивниот понеделник“?

Песната нема врска со датумот, но митот има врска со пазарот

„Blue Monday“ на New Order е една од највлијателните електронски песни на 80-тите и често се наведува како најпродаван 12-инчен сингл на сите времиња, објавен на 7 март 1983 година за Factory Records. Песната го поврзува наследството на Joy Division со клубскиот звук на Манчестер и раниот алтернативен денс и четири децении подоцна останува референтна точка за спој на пост-панк, диско и синт-поп.

Како е создадена „Blue Monday“?

По самоубиството на Ian Curtis во 1980, преостанатите членови на Joy Division (Bernard Sumner, Peter Hook и Stephen Morris) ја формираат New Order и постепено се поместуваат од пост-панк кон посинтезаторски, клубски звук, со Gillian Gilbert на клавијатури и гитара. „Blue Monday“ настанува во 1982 во вежбалната на бендот во Cheetham Hill, Манчестер, како вежба за новата технологија: драм-машина Oberheim DMX и секвенсер што Sumner сам го составува и програмира.

Во траката се слушаат јасни влијанија од итало-диско, американски диско и електро: ритамската структура и пулсот имаат должина и повторливост карактеристична за клубски траки, делови од аранжманот се инспирирани од „Dirty Talk“ на Klein + M.B.O., а во почетокот и крајот има семпл од „Uranium“ на Kraftwerk. Намерата на бендот, меѓу другото, била да создадат песна што може да функционира како автоматизиран бис – да „свири сама“ без да мораат да се враќаат на бина, што дополнително ја храни митологијата околу нумерата.

Експлозија, омот и значење

„Blue Monday“ излегува како 12-инчен сингл со минималистички, флопи-диск инспириран омот на Peter Saville, без јасно испишано име на бендот или насловот. Таквиот дизајн изгледа авангардно и совршено се вклопува во духот на Factory, но и значи дека изработката на обвивката е скапа – толку што, според многу сведоштва, издавачката куќа губи пари на секој продаден примерок, иако синглот станува комерцијално многу успешен.

Комбинацијата од пулсирачки ритам, ладен, речиси механички groove и резигнираниот вокал на Sumner ја прави песната функционална и во клубски, и во алтернативен контекст. New Order стануваат бенд кој ѝ овозможува на генерацијата што пораснала со Joy Division да се пресели на подиум, без да се откаже од меланхолијата и дистанцата што ја носи пост-панк естетиката. „Blue Monday“ често се спомнува како пресвртница што помогнала алтернативната денс култура да влезе во мејнстримот и силно влијаела врз развојот на електронскиот поп и клубскиот звук во втората половина на 80-тите.

Митот за „најдепресивниот понеделник“

“Модерниот” концепт „Blue Monday“ како „најдепресивен понеделник во годината“ се појавува дури во 2000-тите, кога британска туристичка агенција пласира прес-релиз со наводна „формула“ на психологот Cliff Arnall, според која третиот понеделник од јануари е најтажен ден во годината. Подоцна се покажува дека станува збор за псевдонаука и класичен маркетиншки трик, но медиумите го прифаќаат наративот и секоја година го рециклираат.

Овој концепт нема никаква директна врска со New Order или со создавањето на песната. „Blue Monday“ која е објавена во март 1983 и не се однесува на конкретен датум, туку на одреден емотивен тон – чувство на емоционално растројство и дистанца, пренесено над танчлив, механички ритам.

Врската меѓу песната и „најдепресивниот понеделник“ е ретроспективна асоцијација: ист назив, „сина“ симболика и меланхолична атмосфера што лесно се лепи за медиумскиот конструкт.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни