На 27 февруари, од 15:00 до 23:00 часот, граѓаните повторно ќе застанат пред главниот влез на Цементарница Усје во Скопје. „Стоп за Усје” го нарекуваат БЛОКАДАфест — осумчасовен собир кој комбинира граѓански отпор со музичка програма. Паролата е едноставна: „Без Усје полесно се дише.”
Кои се луѓето зад блокадата
„Стоп за Усје” не е случајна иницијатива. Зад неа стојат граѓани од општини Кисела Вода и Аеродром – општини кои буквално живеат во сенката на фабричките оџаци. Дел од нив претходно се бореа против горењето во депонијата Вардариште. Сега се посветени на Усје.
Првата блокада се одржа на 25 декември 2025 година. Неколку стотини граѓани ја блокираа раскрсницата меѓу булеварите „Борис Трајковски” и „Србија”. Втората следуваше на 21 јануари 2026. БЛОКАДАфест е третиот чин.
Барањата на иницијативата се конкретни: итна дислокација на цементарницата, инсталација на автоматски систем за континуирано мерење на емисии (CEMS) поврзан со јавна база во реално време, и независен мониторинг со транспарентно објавување на податоците.
Месеци борба, еден едногласен глас
Притисокот од улица донесе институционална реакција – барем формално. На 26 декември 2025, по 13-часовна седница, Советот на Град Скопје едногласно ја прифати иницијативата за дислокација на Цементарница Усје, поднесена од граѓанското здружение „Зелен хуман град”. За првпат сите политички групи во Советот се обединија околу едно еколошко прашање.
Владата, преку премиерот Мицкоски, изјави дека ќе постапи според заклучоците. Државниот инспекторат за животна средина спроведе шест контроли во текот на 2025 година – и во ниту една не утврдил неправилности.
Титан Усје, дел од грчката Титан Групација, континуирано ги отфрла обвинувањата. Компанијата се повикува на А-интегрираната еколошка дозвола и тврди дека работи во законски рамки.
Меѓутоа, меѓународната платформа Climate TRACE ја идентификува Цементарница Усје како еден од најголемите извори на загадување од ПМ2.5 честички на глобално ниво – рангирана меѓу првите десет проценти емитери во светот. Во некои денови Скопје се наоѓа во топ 10 најзагадени градови глобално.
Зошто ова не е само чад
Аерозагадувањето не е непријатност туку е здравствен ризик. ПМ2.5 честичките се толку мали што ги заобиколуваат природните филтри на телото и директно влегуваат во крвотокот. Според Светската здравствена организација, долготрајната изложеност е поврзана со кардиоваскуларни болести, респираторни заболувања и зголемен ризик од рак на бел дроб. Најизложени се децата, постарите лица и хронично болните.
СЗО препорачува дека ако ПМ2.5 ја надминат дневната дозволена вредност повеќе од три до четири дена годишно, воздухот е потенцијално штетен. Во Скопје тоа се случува многу почесто.
На 27 февруари, пред оџаците
Трн ја следи оваа тема и наскоро ќе следи потемелно истражување на проблемот во кое ќе се обидеме да обезбедиме изјави од сите директно засегнати страни
Во меѓувреме, на 27 февруари пред влезот на Усје ќе се собираат граѓаните. Осум часа музика и отпор. Прашањето е само едно: дали некој ќе ги слушне.