„Блокадафест“ против загадувањето: Стоп за Усје со музика и отпор испраќа порака – здравјето не е на продажба

Мирен протест под мотото „Без Усје полесно се дише“ се одржа пред цементарницата Титан Усје. Граѓаните бараат чист воздух, инспекции и поголема одговорност од институциите.

Пред главниот влез на цементарницата Титан Усје денеска се одржа мирен собир на граѓани кои под паролата „Без Усје полесно се дише“ ги испратија своите барања за почист воздух и поголема институционална одговорност.

Настанот, симболично наречен „Блокадафест“, се одржа директно пред фабриката и беше замислен како спој на протест и креативен отпор. Со музика, ди-џеи и креативни работилници посветени на темата аерозагадување, активистите од Стоп за Усје испратија порака дека борбата за чист воздух може да биде гласна, но и достоинствена.

„Ова не е само блокада. Додека фабриката продолжува да загадува, ние излегуваме заедно да го блокираме загадувањето и да покажеме дека отпорот може да биде гласен, солидарен и креативен“, порачаа организаторите. Тие ги повикаа сите присутни на одговорно однесување и културно изразување на револтот. „Да покажеме дека знаеме гласно, но културно да ги искажеме нашите барања“, истакнаа од иницијативата.

Активистите нагласуваат дека здравјето на граѓаните не смее да биде преговарачка категорија. Според нив, потребни се итни инспекциски контроли на индустриските капацитети, целосна транспарентност на мерењата на квалитетот на воздухот, јасна стратегија за намалување на индустриското и урбаното загадување, како и одговорност од институциите кои со години не преземаат доволно мерки.

Оваа блокада е дел од поширока серија акции што иницијативата ги организира во последниот период, насочени кон намалување на загадувањето во Скопје, за кое како еден од главните причинители ја посочуваат токму цементарницата.

Засега нема информации за промени во сообраќајниот режим во околината на фабриката, а собирот поминува мирно, со силна порака дека граѓанскиот притисок за чист воздух ќе продолжи и во наредниот период.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни