Осум часа протест и музика во петок пред Титан Усје

Иницијативата „Стоп за Усје“ најави осумчасовна блокада пред фабриката Титан Усје на 27 февруари, со протестни барања и музичка програма.

Иницијативата „Стоп за Усје“ најави осумчасовна блокада пред влезот на фабриката „Титан Усје“, што ќе се одржи на 27 февруари, во периодот од 15:00 до 23:00 часот. Настанот е најавен под називот „Блокада фест“ и, покрај протестните барања, ќе вклучи и музичка програма со настапи на повеќе домашни музичари и артисти.

Од иницијативата порачуваат дека станува збор за „гласен, жив и солидарен отпор“, а главната порака на собирот ќе биде „Без Усје полесно се дише“. Со тоа, организаторите и граѓаните повторно апелираат за засилени контроли во работењето на фабриката, особено во делот на заштита на животната средина.

Ова е прва блокада што се организира непосредно пред самата фабрика. Претходно, иницијативата реализираше неколку протести и блокади на различни локации низ Скопје, како и една герила-акција. На досегашните собири, дел од граѓаните ја посочуваа „Титан Усје“ како еден од значајните фактори за загадувањето на воздухот и намалениот квалитет на живот во Скопје и околината.

Од компанијата, во периодот на претходните блокади, до јавноста доставуваа извештаи од внатрешен мониторинг и мерења, според кои емисиите од фабриката се во рамки на законски дозволените граници.

Сепак, иницијативата „Стоп за Усје“ и дел од граѓаните изразија сомнеж во релевантноста и точноста на тие податоци и побараа засилени независни контроли, како и поголема транспарентност во процесот на мониторинг, со цел јавноста да има увид во начинот на кој се спроведуваат мерењата.

Организаторите најавуваат дека блокадата ќе биде мирна и отворена за сите граѓани кои сакаат да се приклучат на протестот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни