Федерален судија во четвртокот ги отфрли тврдењата на Блејк Лајвли за сексуално вознемирување против актерот и режисер Џастин Балдони, во спорот поврзан со снимањето на филмот It Ends With Us од 2024 година. Одлуката ја донел американскиот окружен судија Луис Лиман, кој со пресуда на 152 страници значително го стеснил опсегот на случајот, но не ја затворил целосно постапката.
Во текот на спорот, правниот тим на Лајвли тврдеше дека Балдони во повеќе наврати ја преминал границата на договореното сценарио, вклучувајќи додавање, според неа, непотребно сексуализирани сцени и физички контакт без согласност. Но судијата оцени дека дел од однесувањето на кое се повикува Лајвли било насочено кон ликот што го играла во сцените, а не кон неа лично, и дека таа, како независен соработник, не може да бара заштита по дел од федералните законски основи што ги навела.
Сепак, неколку важни делови од случајот остануваат. Судот дозволи да продолжат тврдењата дека продукциската куќа Wayfarer Studios и поврзани лица можеби незаконски ѝ се одмаздувале на Лајвли откако таа се пожалила на недолично однесување на сетот. Поротата, според судијата, ќе може да разгледува дали имало обид за нарушување на нејзината репутација и кариера преку, како што тврди актерката, кампања за оцрнување.
Случајот привлече големо внимание во Холивуд и пошироко, особено затоа што со месеци беше придружен со јавни препукувања, контратужби и обвинувања за медиумски и ПР притисок. Адвокатите на Балдони ја поздравија одлуката за отфрлање на тврдењата за вознемирување, додека тимот на Лајвли порача дека таа и понатаму очекува да сведочи и да го изнесе случајот пред суд. Судењето за преостанатите точки е закажано за 18 мај.