Благоја Милевски и официјално повеќе не е селектор на македонската фудбалска репрезентација. По истекот на договорот на 30 ноември, Фудбалската федерација на Македонија реши да не го продолжи неговиот ангажман, а Милевски преку емотивно обраќање ѝ се заблагодари на јавноста и на сите со кои соработувал.
Во својата порака, поранешниот селектор упати благодарност до раководството на ФФМ и до претседателите со кои работеше од 2014 година – Ѓорѓиоски, Сејдини и Омерагиќ. Тој истакна дека поддршката и обезбедените услови биле клучни за остварувањето на резултати што ја одбележаа македонската фудбалска историја.
Почит кон играчите
Најголем дел од своите зборови Милевски ги посвети на репрезентативците.
„Особено сум горд на нашите фудбалери. Тие покажаа што значи да се игра за Македонија, со енергија, посветеност и упорност што донесоа победи за паметење“, порача тој, благодарејќи им и на стручниот штаб, медицинскиот и логистичкиот тим.
Ера со историски домети и тешки падови
Мандатот на Милевски останува запаметен по големи успеси, но и по болни порази. Под негово водство Македонија избори два плеј-оф дуели за Светско првенство и ја постигна сензационалната победа над Италија во Палермо (0-1). Следат и победата над Ерменија (0-5), ремијата со Италија, Англија и Белгија, како и првото место во групата од Лигата на нации. Репрезентацијата немаше пораз две години во официјални натпревари.
Но, истиот период ги донесе и двата најтешки порази во историјата, против Англија (7-0) и Велс (7-1).
ФФМ во потрага по наследник
По заминувањето на Милевски, Фудбалската федерација е во процес на избор на нов селектор, чиј идентитет ќе биде објавен во наредниот период.
