Една од работите кои влијаат овој контекст да го гледам како поднослив, а воедно и да се чувствувам здраво и силно особено во последно време е свесноста за работите за кои сум искрено благодарна и тоа што ми помага секојдневно да црпам сила. Претходно, пишував за болките на растењето и некои пристапи за поддршка на себе кои ги користам, но благодарноста и градењето свесност за тоа што ми го подобрува животот е една од клучните механизми кои не ги споменав претходно.
Знам и самата чувствувам колку е тешко да се најдат причини за неа, но истовремено, барем мене и на моето здравје, тоа ни е најважно. Додека размислувам за начините на кои можам да излезам од меурот и да бидам вклучена во светот, знам дека истовремено морам да бидам присутна во себе и да видам што ми помага да сум во ред. Работите за кои сум благодарна, а често се сфаќаат здраво за готово се околу мене секогаш кога сакам да ги видам и оваа пракса на нивно ловење е нешто прекрасно. Не знам како инаку да функционирам во општество кое се гради на тажни истории и можности со прашалници, освен да ја негувам и да видам како со нејзин придонес, станувам подобра и за себе и за моите луѓе.
Не ми е лесно да сум секогаш благодарна и често мислам дека тука ништо нема. Но, додека го пишувам ова, ја чувствувам грижата и негата од луѓето кои ме бараат кога станувам тивка, и ме проверуваат кога не сум добро, знам дека сум сакана. Во одбивањето да го видам тоа, ги чувствувам нивните дејства и почнува да ми се полни срцето. Благодарам затоа што сум сакана. Не од сите, не на сите начини. Туку од еден круг на искрени суштества кои ми го прават животот подобар. Благодарна исто така за способноста да имам сила и да се борам на некој свој својствен начин, кој произлегол од многу животни случувања. Ја освестувам и поздравувам таа сила.
Благодарна сум затоа што месециве сретнувам убави луѓе со кои барем на кратко сме си размениле нешто убаво, и тоа дало малку боја во сивилото кое нè опкружува. Благодарна сум затоа што кога ми станува клише во оваа потрага важното, се враќам назaд и дозволувам да ми помогне, и на мене и на менталното здравје. Благодарам затоа што не ми е гајле дали ова е нешто популарно или не, туку затоа што ми помага подобро да видам дека сепак, и покрај сè, ме опкружуваат и нешта со длабока суштина и значење, кои се отпорот за цинизмот, песимизмот и распаѓањето.
Благодарна сум затоа што преку мали работи како пишувањето на овие текстови наоѓам смисла. Затоа што имам можности и шанси, кои иако не се лесни, ме носат на некое ново ниво и созревам. Благодарам затоа што не му се плашам на стравот и знам дека нераскинливата надеж ми е најсилно оружје. Благодарам затоа што ова ќе можам да го прочитам одново кога ќе почувствувам некаков вид губење во нејасното. За тоа што не го знам, и ќе дојде, и покрај хаосот на животот како возрасен би направило да се чувствувам како заљубено, среќно дете.
Во сите тешкотии, ловењето на овие мали нишки не само што ми го зголемува чувството дека сум присутна, туку и ми помага да видам како во темното и тешкото, со мојот бунт градам подобар и похрабар свет за себе. Благодарам, затоа што пораснав со ова, низ сите животни ситуации кога ми било најтешко на свет, се трудаев да можам да застанам и барем да се обидам да видам мали зраци светлост кои се повеќе од само изговор на тој клучен збор. Потоа, низ таа свесност, можам повеќе да мислам за привилегиите, нивно раслојување и силата која можам да ја соберам за да му помогнам на некој друг, да учествувам во нашите заеднички борби како колектив и да бидам полетна во тоа. Затоа што кога на нашите рамења слетува тежината на светот, некогаш е навистина тешко да се собере сила и да се стане. Не само за себе, туку и за другите околу нас.
Оваа благодарност воопштена, ми помага да имам надеж, тој клучен збор во мојот живот кој се разлева како некаква љубов наспроти ужасите. Во една лична форма, неименувана, упатена само кон присутноста тука и сега, каде се менуваат и случуваат настаните, а јас сум мала и неважна точка, свесна за тоа.