Благица Трпковска Јоковиќ: Сакам публиката да поверува во тоа што го гледа

За љубовта кон сцената, борбата да остане доследна на професијата и искреноста како најважна врска со публиката.

Зад актерската биографија на Благица Трпковска Јоковиќ стои пат обликуван низ различни театри, сцени и улоги. Токму преку тој пат се гради односот и љубовта кон професијата. Од театарот како прв дом, до новите претстави и предизвици, нејзиниот пат покажува дека актерот не се создава еднаш засекогаш, туку се менува, расте и созрева со секоја нова улога. Во разговорот со неа, зборувавме за животот низ театрите, за претставите што оставаат трага и за искреноста без која, како што и самата вели, не може да постои вистинска изведба.

Трн: Како би ја раскажала твојата актерска приказна – од првите чекори до денес? 

Благица: Интересно е што на почетокот правото и јазиците беа моја први опција. Учев во јазична гимназија, но во трета година средно, спремавме претстава за патронат и ја работевме „Злосторство и казна“. Токму тоа ме насочи и ме инспирираше да размислувам посериозно за актерството. Потоа започнав да го посетувам студиото на Димче Мешовски, и кога дојде моментот за одлука, веќе немаше втора опција. 

Се запишав на Факултетот за драмски уметности, во класата на Владимир Милчин, и тоа беше еден од најубавите периоди во мојот живот. Не само поради учењето, туку и поради луѓето, дружбата, енергијата и заедништвото што тогаш постоеше меѓу сите класи.

По две години од дипломирањето започнав да работам во Македонскиот народен театар, каде што мојата прва претстава беше „Соларис“ во режија на Златко Славенски. 

Трн: Колку таа долга борба те промени како актерка?

Благица: Љубовта кон професијата и чувството за професионалност никогаш не ми се промениле. И во тие најтешки години никогаш не се откажав од желбата да бидам дел од театарот, иако после 13 години го добив моето стално вработување. Научив да верувам во себе, да не се откажувам и да се борам за тоа што е мое.

Таа љубов и таа посветеност кон театарот и актерството денес особено ја препознавам и преку работата со деца во студио „Михајловски“, каде што сум дел од нивното растење и созревање, и во животот и на сцената. Кај нив таа љубов е многу чиста и искрена. Тоа е место каде што, во ова лудо време, тие можат безбедно да растат и да бидат целосно свои, да учат, да се надоградуваат и да уживаат во искрено дружење.

Трн: Имаш играно во Македонски народен театар, Драмски театар, Театар за деца и младинци и Театар Комедија. Колку е различна енергијата во секоја од овие средини?

Благица: Секој театар носи посебна љубов и посебна поврзаност со луѓето со кои работиш, и токму затоа секоја од тие средини ја доживувам различно.

Македонскиот народен театар отсекогаш сум го чувствувала најмногу како дом, затоа што таму беа моите почетоци. Можеби токму поради тоа секогаш кога ќе се вратам таму, имам чувство дека се враќам на нешто свое, блиско и многу важно.

Драмски театар ми е останат во убаво сеќавање иако имав само една претстава, токму поради тоа што бев опкружена со луѓе кои ми се драги.

Да се игра во Театарот за деца и младинци е нешто сосема посебно и различно. Децата се најискрена и најблагородна публика. Но, особено е тешко и важно да успееш да го задржиш нивното внимание и да ги држиш вклучени до крај.

Театар Комедија, мојот матичен театар, за мене беше едно ново искуство и можност да се испробам во најтешкиот жанр во тетарот. Таму затекнав млада и убава екипа, што многу придонесува за успешноста на претставите.

Трн: Кои театарски улоги ти биле најпредизвикувачки и зошто?

Благица: Секоја улога си е предизвик сама по себе, секоја една е различна и не би можела да издвојам само една како најтешка. Секоја улога ја работам со максимална посветеност и во период на креирање на таа претстава буквално ја живеам таа улога постојано.

Трн: Во твојата претстава „Вистината“ се отвора прашање дали понекогаш лагата може да биде „помилосрдна“ од вистината. Како ти, како актерка, ја читаш таа тенка линија меѓу искреноста и самозалажувањето во оваа претстава?

Благица: Суштината на претставата најдобро се отвора преку тоа како самите ја разбираме и доживуваме. За мене најважно е улогата да се игра искрено и вистински. Кога тоа ќе го направиш така, тогаш и публиката ја препознава пораката токму на начинот на кој сакаш да ја пренесеш.

Затоа и најмногу ги сакам ваквите претстави, кои се комедија на ситуација и во исто време можат да бидат смешни до лудило, но и многу прецизни во тоа што сакаат да кажат. Такви се и „Вистината“ и „Вечера за глупаци“.

Фото: Театар Комедија

Трн: Кога би можела повторно да влезеш во еден од твоите филмски ликови, кој би бил и зошто?

Благица: Ликот Марија од „Убиј ги прво децата“ ми е особено драг и сигурно е еден од ликовите на кои со задоволство би им се вратила. Би го споменала и краткиот филм „Мала Шега“, кој ми е посебно драг и кој што постигна значителни успеси. За мене не е пресудно дали станува збор за долгометражен или краткометражен филм, затоа што и во двата случаи задачата бара голема внимателност и посветеност. Секој лик го доживуваш на свој начин, а токму во тоа е и убавината на актерската работа – постојано да откриваш нешто ново.

Трн: Како се разликува актерската игра на сцена од играта пред камера?

Благица:  Во театарот првенствено имаш континуитет на приказната и нормално е целиот процес да тече поорганично во играњето на ликот. Додека пред камера најчесто го немаш тој континуитет, но имаш простор за нови повторувања што го немаш на сцена.

Сепак, и во двата медиума пристапот на градење на лик на секој актер е индивидуален. Имав задоволство неодамна да бидам дел од две работилници преку Ветра Арт посветени на техниката на Мајкл Чехов која ја применуваат многу светски актери. Едната беше фокусирана на игра пред камера додека другата на психолошкиот гест. Многу е важно како актери постојано да учиме и да се надоградуваме, бидејќи со тоа откриваме и многу нови техники и нови работи за себе.

Трн: Што сакаш и целиш публиката да почувствува по твојата изведба?

Благица: Сакам публиката да поверува во тоа што го гледа и искрено да изреагира на мојата изведба, дури и тогаш кога таа реакција не е нужно позитивна. За мене е најважно да постои вистинска емоција и вистински контакт со она што се случува на сцена.

Сакам луѓето да си заминат дома со чувство дека доживеале нешто убаво, исполнето и искрено, со едно задоволство што ќе остане со нив и по претставата. Но, најважно од сè ми е да ја примат пораката, затоа што мислам дека токму тоа е една од нашите најголеми должности како актери.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни