Благ пад на Волстрит – инвеститорите неизвесни околу идните каматни стапки

Индексите на Волстрит бележат благ пад, бидејќи инвеститорите се загрижени за понатамошната монетарна политика на Федералните резерви. Европските берзи во пораст.

На светските берзи минатата недела се тргуваше претпазливо, при што индексите на Волстрит бележат благ пад, бидејќи инвеститорите се сè уште несигурни кога Федералните резерви (Fed) повторно ќе ги намалат каматните стапки.

На Волстрит, Dow Jones индексот опадна за 0,2% и изнесува 46.247 поени. S&P 500 се спушти за 0,3% на 6.643 поени, а технолошкиот Nasdaq ослабе за 0,7% и достигна 22.484 поени.

Силен економски раст, но неизвесна монетарна политика

Неделата беше обележана со објавување на нови економски показатели, кои влијаеја врз очекувањата на пазарот. Американската економија во вториот квартал порасна за 3,8% на годишно ниво, што е побрз раст од претходната проценка. Бројот на барања за помош за невработеност исто така опадна за 14.000 – на 218.000 – што е под очекувањата на аналитичарите.

Овие резултати укажуваат дека економијата и пазарот на труд сè уште се стабилни, па Федералните резерви веројатно нема да брзаат со ново намалување на каматите.

Иако Fed неодамна ја намали референтната каматна стапка за 0,25 процентни поени поради сигналите за слабеење на пазарот на труд, пазарот се надеваше на ново намалување до крајот на 2025 година. Сепак, новите економски податоци ги доведуваат овие надежи под знак прашалник.

Инвеститорите збунети од мешани сигнали

„Последните економски податоци внесуваат конфузија и отвораат прашање – колку навистина треба Fed да ги намали каматите, па дури и дали треба да го направи тоа до крајот на годината“, изјави Питер Туз од инвестициската компанија Chase Investment Counsel.

Поради овие неизвесности, цените на акциите беа под притисок во текот на поголемиот дел од неделата. Но, во петокот индексите делумно закрепнаа поради податоци дека инфлацијата во август не се зголемила значително – 0,3% месечно, и 2,7% годишно, што беше во рамките на очекувањата.

Берзите во Европа со позитивни резултати

За разлика од Волстрит, европските берзи минатата недела завршија во позитивна зона. Лондонскиот FTSE индекс порасна за 0,7% на 9.284 поени, франкфуртскиот DAX се зголеми за 0,4% на 23.739 поени, а парискиот CAC напредуваше за 0,2% на 7.870 поени.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни