Режисерот и актер Драган Бјелогрлиќ е правосилно осуден на шест месеци условна казна затвор со пробен рок од две години, поради насилничко однесување кон својот колега Предраг Антонијевиќ во хотел во Ниш во 2021 година. Вишиот суд во Белград ги одби сите жалби како неосновани и ја потврди првостепената пресуда на Првиот основен суд, со што предметот доби конечен епилог.
Според судската одлука, Бјелогрлиќ нема да оди во затвор доколку во наредните две години не стори ново кривично дело. Антонијевиќ е упатен своето имотно-правно барање да го остварува преку граѓанска тужба за надомест на штета, што значи дека евентуалната материјална одговорност ќе се решава во парнична постапка.
Инцидентот се случил на 23 август 2021 година во хотелот „Амбасадор“ во Ниш, кога Бјелогрлиќ го удрил Антонијевиќ по главата, нарушувајќи јавен ред и мир. Двајцата биле гости на фестивалот „Филмски средби“.
Поради процедурални причини, предметот бил преместен од Ниш во Белград, со цел поефикасно водење на постапката, а Бјелогрлиќ го признал делото и изразил жалење. Судот го земал предвид признавањето и досегашниот неказнетиот живот како олеснителни околности при одмерувањето на казната.
Пресудата доаѓа повеќе од три години по инцидентот, период во кој случајот ја полнеше јавноста преку објавување снимки и јавни настапи на двајцата режисери. За некои, условната казна е потврда дека јавните личности не се имуни на законот, додека други сметаат дека казната е премногу блага за физички напад на јавен настан.
