Градежниот работник Џејмс Њуби започна необичен бизнис кој се покажал како многу профитабилен. Неговиот сервис „Pet Poo Pick“ нуди чистење дворови од кучешки измет, а идејата ја добил минатата година откако видел колку е популарна ваквата услуга во САД.
„Во Америка е голема работа, па помисливме дека можеме да го пробаме и во Источен Мидлендс,“ вели Њуби. „Во Велика Британија видовме само неколку луѓе кои нудат таква услуга, па објавивме оглас на Фејсбук и чекавме.“
Интересот бил голем. Денес Њуби има 35 редовни клиенти. Тој објаснува дека првото чистење чини околу 37 евра, а понатаму клиентите плаќаат 18 евра неделно. Според неговата проценка, оваа работа му носи повеќе од 29.000 евра годишно, што често е повеќе од заработката од долга смена на градилиште.
Работата не е гламурозна, во просек, Њуби собира околу 14 купови по двор, користи мистрија и вреќа, а едно чистење трае околу 10 до 15 минути. По тоа го дезинфицира просторот за да не останат траги. Понекогаш патува и до 80 километри за да ги заврши сите задачи.
Њуби вели дека повеќето клиенти го повикуваат поради здравствени ограничувања или старост. „Многумина се на патерици или имаат ограничена подвижност, па не можат да се наведнат. Ние сме тука за да им помогнеме,“ додава тој. Покрај чистење, нуди и косење трева за оние кои не можат сами.
Еден од клиентите, Питер Фиск (48), го користи сервисот од декември поради скршена нога. „Со оглед на состојбата на ногата, ќе го користам барем до крајот на годината. Кога ќе видите како се сè мие и дезинфицира, ви е јасно дека работи квалитетно,“ вели тој.
Њуби моментално работи околу 12 часа неделно, но целта му е „Pet Poo Pick“ да стане негов главен извор на приход.
