Средношколците влегуваат во светот на бизнисот со нов предизвик

Почна „Бизнис предизвик за средношколци 2026“, проект што ги поврзува младите со бизнис-секторот и носи награди и поддршка за стартап.

Со учениците од СУГС „Никола Карев“ во Скопје денеска официјално почна националниот проект и хакатон-серијал „Бизнис предизвик за средношколци 2026“, образовна иницијатива што сака да ги доближи младите до реалниот бизнис-свет и да им овозможи уште во средношколските денови да стекнуваат практични знаења и искуства.

Проектот го организира Хајделберг бизнис школа – Факултет Скопје, во партнерство со Град Скопје, НЛБ Банка АД Скопје и Елемент ПР. Намерата е средношколците да добијат можност да размислуваат стратешки, креативно и претприемачки, но и директно да се запознаат со начинот на кој функционира современиот бизнис.

Форматот на „Бизнис предизвик за средношколци 2026“ е интерактивен и ги става учениците во центарот на процесот. Тие ќе работат во тимови, ќе решаваат реални бизнис-предизвици, ќе развиваат сопствени идеи и ќе ги претставуваат пред претставници од академската заедница и бизнис-секторот.

За најдобрите проекти се предвидени награди и признанија, по 18.000 денари за секој најуспешен училишен проект, а потоа и големо финале на кое еден победник ќе добие финансиска поддршка за основање стартап. За најуспешните тимови се предвидени и дополнителни можности, меѓу кои германски сертификат за академска извонредност, ваучер за стипендија, покана за Heidelberg Business Bootcamp и приоритетна постапка за упис.

Проектот има цел рано да ги препознае талентите, да поттикне претприемачки начин на размислување и да им овозможи на учениците да го почувствуваат реалниот деловен амбиент уште пред да влезат на факултет или на пазарот на труд. Освен што ќе стекнуваат искуство во тимска работа, креативно решавање проблеми и презентациски вештини, учениците ќе имаат можност и да учат директно од ментори и професионалци од реалниот сектор.

Со иницијативата ќе бидат опфатени 12 гимназии, 900 ученици, повеќе од 150 учесници на хакатоните и 10 победнички тимови, по што ќе следи големо финале во кампусот на Хајделберг бизнис школа – Факултет Скопје. По почетокот во „Никола Карев“, хакатонот во следните денови ќе продолжи и во гимназиите „Васил Антевски – Дрен“ во Велес, „Кочо Рацин“, „Георги Димитров“ и „Васил Антевски – Дрен“, носејќи го концептот директно до учениците и отворајќи простор за поинаков, подинамичен и попрактичен образовен процес.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни