Пакистанскиот суд во саботата го осуди бившиот премиер Имран Кан и неговата сопруга Бушра Биби на по 17 години затвор поради корупција, поврзана со купување на луксузни подароци наменети за државата по намалена цена, соопшти судот и адвокатите на Кан.
Оваа пресуда е само последната во низата правни проблеми за Кан, кој е во притвор од август 2023 година и се соочува со десетици обвиненија откако беше разрешен од функцијата во 2022 година, вклучувајќи мито и откривање државни тајни.
Кан: Судот ја објавил пресудата без сослушување на одбраната
Кан негира вина во сите случаи, а неговата партија тврди дека обвиненијата се политички мотивирани.
„Судот ја објави казната без сослушување на одбраната и го осуди Имран Кан и Бушра Биби на 17 години затвор со високи парични казни“, изјави за Reuters адвокатот на семејството на Кан, Рана Мудасар Умер.
Според пакистанскиот кривичен законик, тие добија 10 години строг затвор поради нарушување на довербата и дополнителни седум години согласно законите против корупција, со парични казни од по 16,4 милиони рупии (околу 50.000 евра) за секој.
Случајот се однесува на луксузни часовници кои Кан ги добил како подарок од саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман за време на службени посети, а кои, според обвинителството, Кан и неговата сопруга подоцна ги купиле од државата по значително намалена цена, кршејќи ги пакистанските правила за државни подароци.