Полицијата во Лос Анџелес соопшти дека Вединг, познат како „Ел Џефе“ и „Џин“, се бара поради неговата улога во прекугранична операција за трговија со дрога вредна милијарда долари, како и за неколку убиства поврзани со неговата криминална мрежа.
Американските власти наведуваат дека Вединг, кој се наоѓа на листата на десетте најбарани бегалци во САД, веројатно се крие во Мексико под заштита на нарко-картелот Синалоа.
Заменик-шефот на полицијата во Лос Анџелес, Алан Хамилтон, изјави дека зголемената награда треба јасно да покаже дека Вединг нема каде да се сокрие.
Од олимписка кариера до криминална мрежа
Рајан Вединг (43) пораснал во Тандер Беј, Онтарио, а како сноубордер се натпреваруваше за канадскиот тим на Олимписките игри во 2002 година во Солт Лејк Сити, каде што заврши на 24. место во паралелен велеслалом.
Четири години по Олимпијадата, неговото име се појавило во истрага за нелегално производство на марихуана во Британска Колумбија, но никогаш не бил обвинет.
Во 2010 година, тој беше осуден на четири години затвор поради обид да купи кокаин од агент на американската влада.
Минатата година, Министерството за правда на САД го обвини Вединг дека раководел со група која се занимавала со шверц на дрога и убиства, вклучувајќи и недолжни цивили.
Масовен шверц на фентанил
Истражителите тврдат дека Вединг надгледувал транспорт на стотици килограми кокаин од Колумбија, преку Мексико и Јужна Калифорнија до Канада.
Полицијата во Лос Анџелес објави дека неговата мрежа месечно шверцувала пет тони фентанил во градови низ САД и Канада.
Вединг и неговиот соработник, Канаѓанецот Ендрју Кларк, исто така биле обвинети дека ангажирале убијци за елиминирање на противници во нивната операција.
Од 16 лица обвинети во оваа криминална мрежа, Вединг и уште еден соработник сè уште се во бегство.
Мексиканските власти го уапсија Кларк на 8 октомври 2024 година, а на 27 февруари тој беше екстрадиран во САД.