Битолското културно лето годинава почнува со концерт на македонската легендарна група „Леб и сол“ кој ќе се одржи на 26 јуни во античкиот театар „Хераклеја“.
Најновото 17. издание на битолското културно лето ќе се одржува до 31 август, период за промоција на атрактивни културни содржини и развој на културниот туризам во градот, најави градоначалникот Тони Коњановски.
-Програмата ќе се реализира во соработка со КИЦ-Битола и националните установи од културата, но и со учество на голем број домашни изведувачи, уметници и културни работници кои ќе претстават интересни одржини за сите возрасти. Целосната програма ќе биде објавена во следните 10 дена, кога ќе имаме и точно заокружена рамка на планираниот буџет за културните содржини ова лето, посочи Коњановски.
На прес конференција што се одржа во битолскиот Офицерски дом, од Општина Битола потврдија дека продолжуваат со поддршка на традиционалните манифестации „Локум фест“, „Парко – фестивал“, „Илинденски денови“, детскиот театарски фестивал „Битолино“, и други фестивали.
-На 3 август, Битола ќе биде домаќин на еден од најголемите музички настани во историјата на градот. На Градскиот стадион „Петар Милошевски“ ќе настапи светската музичка ѕвезда и еден од највлијателните DJ артисти на сите времиња – Армин ван Бурен. За овој настан општината го обезбедува просторот и потребната логистичка поддршка, истакна градоначалникот Коњановски.
На прес конференцијата во Битола присуствуваа и членовите на групата „Леб и сол“, кои најавија дека од Битола го почнуваат одбележувањето на големиот јубилеј – 50 години од постоењето и активното работење на групата.