Битолскиот театар со претставата „Брод за кукли“ учествува на фестивал во Врање

Народен театар Битола со претставата „Брод за кукли“ на Милена Марковиќ, во режија на Кокан Младеновиќ, на 27 октомври учествува на фестивалот „Борини позоришни дани“ во Врање, Србија.

„Брод за кукли“ е приказна за една или за сите женски судбини, или за сите човечки судбини – како една жена го доживува својот живот како серија за неостварени бајки. Претставата во седум заплети и седум различни амбиенти се однесува на седумте инкарнации на хероината и седумте метаморфози на нејзиниот пасивен женски принцип.

Во битолската претстава играат Сандра Грибовска – Илиевска, Викторија Степановска – Јанкуловска, Илина Чоревска, Катерина Аневска – Дранговска, Валентина Грамосли, Петар Спировски, Мартин Мирчевски, Никола Пројчевски, Марјан Георгиевски, Филип Мирчевски, Живко Борисовски, Огнен Дранговски, Петар Горко и Никола Стефанов.

Сандра Грибовска Илиевска ја освои престижната награда за најдобра млада актерка на 69-тото Стериино позорје во Нови Сад, Србија, за нејзината изведба во улогата на малата сестра.

Претставата во која таа се истакнува носи препознатлив македонски уметнички печат. Преводот и драматуршката обработка се дело на Билјана Крајчевска, а сценографијата е замислена и реализирана од Валентин Светозарев. За костимите се погрижи Александра Пециќ – Младеновиќ, додека музиката е компонирана од Димитар Андоновски. Кореографските елементи ги изработи Андреа Кулешевиќ.

На техничкиот аспект на изведбата посветено работеле и тон-мајсторот Александар Димовски и светло-мајсторот Игор Мицевски, а видео проекциите, кои значително ја збогатуваат атмосферата на претставата, се дело на Владимир Переловски и Филип Ошавков.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Најново

Последни колумни