Битолскиот бенд „Код 369“ го објави својот втор студиски албум за „Кроација рекордс“, насловен „Меѓу ѕвездите“ (Među zvijezdama).
Автор на музиката за сите песни е Даниел Митревски, кој е и продуцент на албумот, додека текстовите се на пејачката Ирена Димовска, освен за песната „Конкретно“, кој го напиша Мила Влаисављевиќ. Албумот е снимен во студиото „Ателие“, а мастерингот е на Славко Ристески, работен во студиото „Про саунд“.
„Албумот носи звук кој балансира помеѓу алтернативното изразување и комерцијалната прифатливост, притоа задржувајќи ги карактеристичните слобода, енергија и длабочина, што обожавателите на бендот веќе ги препознаваат и ценат. По успешното деби ‘Stages of Love‘, овој албум го потврдува нивниот статус на еден од најсвежите алтернативни рок состави во регионот“, стои во најавата на албумот.