Битолски театар и Бабец театарот гостуваат во Шведска

Битолскиот театар ќе ја изведе претставата во сабота, 6 декември, во салата ,,Паркен”, Трелеборг, во 18:00 часот,

Екипата на Битолскиот театар со претставата ,,Ако останеш дома” по мотиви на Карој Сакони и екипата на Бабец театарот со „На гости кај Кате и Фреда“, по делото на Ингеборг Фон Задов, двете претстави во режија на Јован Ристовски, гостуваат во Трелеборг, Шведска на покана на македонско шведското друштво Пелистер.

Битолскиот театар ќе ја изведе претставата во сабота, 6 декември, во салата ,,Паркен”, Трелеборг, 18:00 часот, а претставата ,,На гости кај Кате и Фреда“ ќе биде изведена истиот ден во 11:00 часот.

,,Ако останеш дома”  е драма во еден чин, во која главните улоги ги играат Јулијана Мирчевска и Васко Мавровски. Секојдневна приказна во која ќе се препознаат млади брачни парови. Инспирацијата за претставата на режисерот му била секојдневието на обичните луѓе.

„Мојот впечаток е дека народот е несреќен повеќе од три децении без разлика која политичка партија е на власт. А сиромаштијата прави лоши состојби во духот кај еден човек. Во преставата мажот и жената се симболично во кафез и во публиката гледаат птици кои што го изгубиле духот и се птици што ја изгубиле сопствената музика“, вели режисерот Ристовски.

„Наместо обична саботна вечер, во сабота, 6 декември, ви нудиме излез од секојдневната рутина со претставата ,,Ако останеш дома” на глумците од Битолскиот Народен Театар. Со секој купен билет го помагате работењето на ,,Македонска Библиотека Трелеборг” и придонесувате во развојот на македонската заедница во Шведска“, велат организаторите.
Сценографијата на претставата „Ако останеш дома” е на Валентин Светозарев, костимографијата на Благој Мицевски, а продукцијата е  од сопствени средства на Битолскиот Народен театар.

Драмскиот детски текст “На гости кај Кате и Фреда” важи за еден од најдобрите германски современи драмски дела наменети за детската популација, односно за возраст од 5 +. Оваа исклучителна драма е важна бидејќи ја разработува темата за промени, инклузија, прифаќање и неприфаќањето на различностите и една од најважните теми – емпатијата. 

За оваа претстава организаторите истакнуваат: „Нека вашите деца ја почувствуваат убавината на театарската уметност во овие претпразнични денови“.
Играат: Јулијана Мирчевска, Катарина Аневска Дранговска, Марија Стефановска. За сцената и костимите се погрижи Јован Ристовски, дизајн  на светло Игор Мицевски. Премиерата на претставата беше изведена во рамките на ИДТФ Битолино, по повод 14.роденден на Бабец театарот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни