Битолскиот народен театар и Бабец театарот ја воодушевија публиката во Шведска

Две македонски претстави во режија на Јован Ристовски со силна порака и топол прием во Трелеборг

Екипата на Битолскиот народен театар со претставата „Ако останеш дома“ и екипата на Бабец театарот со детската претстава „На гости кај Кате и Фреда“, двете во режија на Јован Ристовски, успешно се претставија пред публиката во Трелеборг, Шведска. Гостувањето беше реализирано на покана на Македонско-шведското друштво „Пелистер“, а двете изведби беа пречекани со воодушевување и долготраен аплауз.

Публиката, составена од членови на македонската дијаспора и љубители на театарот, со силни емоции ги поздрави актерите и режисерот, потврдувајќи дека македонскиот театар продолжува да комуницира со гледачите и надвор од границите на земјата.

Организаторите од Македонско-шведското друштво „Пелистер“ истакнаа дека настанот има и пошироко значење за заедницата: „Им благодариме на актерите за прекрасната глума и емоциите што ги оставија на сцената. Благодарност и до публиката која уште еднаш покажа дека додека постои барем еден гледач, вреди да се одигра претстава. Со купените билети се поддржува работата на ‘Македонска библиотека Трелеборг’ и се придонесува за развојот на македонската заедница во Шведска.“

Претставата „Ако останеш дома“, по мотиви на Карој Сакони, е драма во еден чин која обработува секојдневни, интимни ситуации препознатливи за младите брачни парови. Главните улоги ги толкуваат Јулијана Мирчевска и Васко Мавровски, а инспирацијата за режијата произлегува од обичниот живот и секојдневните човечки односи. Сценографијата е дело на Валентин Светозарев, костимографијата на Благој Мицевски, а продукцијата е реализирана со сопствени средства на Битолскиот народен театар.

Детската претстава „На гости кај Кате и Фреда“, по текст на Ингеборг фон Задов, се смета за едно од најзначајните современи германски драмски дела за деца на возраст од 5+. Преку внимателно изграден драмски јазик, претставата ги обработува темите на промени, инклузија, прифаќање и неприфаќање на различностите, како и развивањето на емпатијата кај најмладата публика.

„Глумците беа фантастични, а публиката уште пофантастична. Многу смеа и радост кај најмалите. Нека се множат ваквите настани и насмевките кај децата“, порачаа организаторите по завршувањето на изведбата.

Во „На гости кај Кате и Фреда“ настапуваат Јулијана Мирчевска, Катарина Аневска-Дранговска и Марија Стефановска. Сцената и костимите ги потпишува Јован Ристовски, а дизајнот на светло е на Игор Мицевски. Премиерата на претставата беше изведена во рамките на Интернационалниот детски театарски фестивал „Битолино“, по повод 14-годишнината од основањето на Бабец театарот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни