Битола инвестира во ЗОО: Нов терариум и живеалиште за копитари вреден 18 милиони денари

Со инвестиција од над 18 милиони денари, Општина Битола најавува модернизација на зоолошката градина и усогласување со европските стандарди

Битолската зоолошка градина ќе добие нов терариум и современо живеалиште за копитари, по одобрување на финансиски средства преку вториот повик на Владата, во соработка со Министерството за култура и туризам.

Изградбата на живеалиштето за копитари ќе чини 9.634.336 денари, додека за новиот терариум се предвидени 8.994.667 денари. Со овие инвестиции, Општина Битола најавува осовременување на инфраструктурата во зоолошката градина и подобрување на условите за животните.

Проектот беше посочен на презентацијата на Националната стратегија за зоолошки градини, организирана во Битола од страна на локалната зоолошка градина. На настанот присуствуваа експерти, претставници на релевантни институции, градоначалникот на Битола, претседателот на Советот, советници и други гости.

Целта на стратегијата е усогласување на домашните зоолошки градини со директивите на Европската унија, како и подобрување на стандардите за заштита и третман на животните.

Градоначалникот Тони Коњановски изјави дека инвестициите се дел од пошироките заложби на Општина Битола за создавање современ простор за животните и поквалитетно, едукативно и забавно искуство за посетителите.

„Овие инвестиции се дел од заложбите на Општина Битола за подобрување на условите во Зоолошката градина, создавање на современ простор за животните и овозможување на поквалитетно, едукативно и забавно искуство за сите посетители“, рече Коњановски.

Од локалната самоуправа најавуваат дека вложувањата во зоолошката градина ќе продолжат и во наредниот период, со фокус на инфраструктурен развој и подобрување на стандардите за грижа на животните.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни