Биткоинот во најдолг негативен тренд од 2018 година: Падот продолжува

Биткоинот влезе во најдолгиот негативен тренд од 2018 година, со пад под 76.000 долари. Ослабена побарувачка, повлекување капитал и силна конкуренција од ВИ-акциите и благородните метали.

Биткоинот минува низ еден од најтешките периоди во последните осум години. Цената на најпознатата криптовалута за време на викендот падна под 76.000 долари, што претставува пад од околу 40 отсто во однос на највисокото ниво во 2025 година. Со тоа, вредноста се врати на нивоата од периодот пред големиот царински конфликт.

Она што во октомври изгледаше како краткотраен пад, сега се претвори во сериозен структурен проблем. Инвеститорите повеќе не продаваат од паника – проблемот е што нема доволно нови купувачи, ниту верба дека цената брзо ќе се опорави, пишува Bloomberg.

Најдолг пад од 2018 година

За разлика од претходните кризи, овој пат нема еден јасен виновник или голем системски колапс. Побарувачката едноставно ослабна, а на пазарот има премалку свеж капитал за да ја придвижи цената нагоре.

Биткоинот повеќе не реагира на геополитички тензии, ниту на растот на берзите. Дури ни фактот што златото и среброто значително поскапеа во последните недели не ги пренасочи инвеститорите кон криптовалутите.

Во јануари, биткоинот падна за речиси 11 отсто, што е четврти последователен месец во минус – најлошата серија од 2018 година наваму. Пол Хауард од компанијата Wincent смета дека во 2026 година биткоинот нема да постави нови рекорди.

Пад на оптимизмот и повлекување капитал

Забележливо е и тишината на социјалните мрежи. Ентузијастите кои порано постојано повикуваа на купување сега молчат. Ова се случува и покрај поповолните регулативи за криптовалути и зголемените инвестиции од големи компании.

Проблемот е што пазарот веќе ги вгради тие позитивни вести во цената, па тие повеќе немаат ефект.

Во меѓувреме, капиталот продолжува да се повлекува од инвестициските фондови што купуваат биткоин, што укажува на губење доверба кај малите инвеститори. Дури и големите корпоративни играчи ја намалија куповната активност, поради загубите од минатогодишните падови на берзите.

Историјата не носи утеха

Во моментов на пазарот има околу 30 отсто помалку слободен капитал отколку во октомври, што значи дека секоја поголема продажба може дополнително да ја урне цената.

Историските податоци покажуваат дека опоравувањето може да трае со години – по претходни падови, на биткоинот му биле потребни и до три години за да се врати на старите нивоа. Според тие параметри, дел од аналитичарите сметаат дека овој пад можеби штотуку започнал.

Стручњаците проценуваат дека за вистинска стабилизација ќе бидат потребни уште шест до девет месеци, со слаба трговија и постепено враќање на довербата.

Силна конкуренција за парите на инвеститорите

Друг проблем е што инвеститорите денес имаат поатрактивни алтернативи. Акциите на компании поврзани со вештачка интелигенција, како и златото и среброто, моментално нудат побрз профит.

Ричард Хоџис, основач на инвестициски фонд, предупреди дека најголемите сопственици на биткоин ќе мора да имаат многу трпение, додавајќи дека нови рекордни цени не се очекуваат барем уште три години.

„Биткоинот беше главна вест пред три години. Денес тоа се акциите од секторот на вештачката интелигенција“, заклучува Хоџис.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни