Цената на најпознатата криптовалута достигна рекордно ниво за време на азиското тргување, со речиси 50 милијарди долари промет во последните 24 часа, според податоците на CoinGecko.
Поради наглиот раст на цената, за само еден час пропаднаа околу 100 милиони долари во обложувања на пад на биткоинот, а повеќе од 200 милиони долари од таканаречените „short“ позиции беа затворени. Тоа значи дека инвеститорите кои се обложиле на пад беа приморани да купуваат биткоини за да ги покријат загубите, што дополнително ја зголеми цената.
Комбинацијата на поволни глобални економски услови и растечки интерес од институционалните инвеститори ја поттикна вредноста на биткоинот во текот на целата година. Аналитичарите очекуваат дека побарувачката ќе продолжи да расте, и покрај знаците на привремен замор на криптопазарот.
Само оваа недела, вредноста на биткоинот скокна за 14 проценти. Растот се поврзува со зголемената побарувачка за децентрализирана актива, откако американските законодавци не успеаја да постигнат договор за федералниот буџет, што доведе до блокада на владините служби.
Според анализата на Standard Chartered, биткоинот оваа година е значително почувствителен на „ризиците на американската влада“ и покажува корелација со движењата на американските државни хартии од вредност.
Банкaта предвидува дека биткоинот наскоро би можел да достигне вредност од 135.000 долари. Во меѓувреме, инвеститорите бараат заштита во алтернативни средства – цената на златото порасна за 0,5 проценти и достигна 3.876,55 долари за унца, додека индексите S&P 500 и Nasdaq Composite бележат дневен раст од 0,5 и 0,27 проценти.
Извор: Index.hr